Сторителот на обидот за атентат врз потполковникот на руската воена разузнавачка служба Владимир Алексеев е приведен во Дубаи и предаден на Русија, а тој е руски државјанин, соопшти денес Центарот за односи со јавноста на Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Руската Федерација.
„Со помош на партнери од Обединетите Арапски Емирати, рускиот државјанин Љубомир Корба, роден во 1960 година, кој беше директен сторител на злосторството, беше приведен во Дубаи и предаден на руската страна“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Во соопштението на ФСБ се наведува и дека Виктор Васин, соучесник во обидот за атентат врз генералот Алексеев, е лишен од слобода и приведен во Москва.
„ФСБ, заедно со Министерството за внатрешни работи на Русија, по спроведувањето на истражни мерки во врска со обидот за убиство на првиот заменик-началник на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, генерал-потполковник Владимир Алексеев, идентификуваше и уапси соучесник во ова злосторство, рускиот државјанин Виктор Васин, роден во 1959 година, приведен во градот Москва“, се вели во соопштението.
Напаѓачот го застрелал генерал-потполковник Алексеев во станбена зграда во Москва на 6 февруари.
По обидот за убиство, генералот Алексеев бил хоспитализиран во тешка состојба, а потоа биле покренати истрага и кривична постапка за обид за убиство и нелегална трговија со огнено оружје, пренесе „Танјуг“.












