Во државата не ни се сите овци на број, ни фалат нови овчари

Голем дел од субвенциите што ги земаа сточарите по основ на оставено женско јагне и предадено јагне во регистриран кланичен капацитет – се укинати. Сточарите се револтирани и разочарани и велат дека ниските откупни цени на јагнето и на млекото го уништиле сточарството. Во последниве 15 години, во државата нема ниту еден нов сточар, а старите масовно ги продаваат стадата. Сточарите велат дека не го губиме само сточарството како гранка туку и македонското јагне и македонското овчо сирење, кои се препознатливи по својот квалитет во земјите од регионот

112

Стадата се празнат, сточарите ја продаваат стоката, сочниот фонд во државата последниве десет години е преполовен, а сточарството полека замира. Голем дел од субвенциите што ги земаа сточарите по основ на оставено женско јагне и предадено јагне во регистриран кланичен капацитет – се укинати. Сточарите се револтирани и разочарани и велат дека ниските откупни цени на јагнето и на млекото го уништиле сточарството. Во последниве 15 години, во државата нема ниту еден нов сточар, а старите масовно ги продаваат стадата. Сточарите велат дека не го губиме само сточарството како гранка туку и македонското јагне и македонското овчо сирење, кои се препознатливи по својот квалитет во земјите од регионот.

– Ни ги укинаа субвенциите за предадено јагне во кланичен капацитет во износ од 400 денари, како и субвенциите за оставено женско јагне од 2.000 денари. И како да го зголемиме сточниот фонд кога дел од субвенциите се укинати, а оние што ни следуваат доцнат една година. Субвенциите за оставено женско јагне не се само за зголемување на бројот на овци туку и за задржување на постојните стада. Младите јагниња ни се потребни за обновување на стадата и за зголемување на продуктивноста, односно на приносите на млеко – изјави за весникот ВЕЧЕР Милена Величковиќ од Сојузот на овчари.

Таа вели дека високите цени на храната, ниските откупни цени на месото и на млекото и доцнењето на субвенциите придонеле за тоа да се преполови сточниот фонд во последниве десет години. Така, голем дел од сточарите што имале по 300-400 овци, сега го свеле нивниот број на 100 до 200.

– Сточарите ги продаваат стадата и се намалува сточниот фонд. Како што стојат работите, ако во следните неколку години не се преземат сериозни мерки за зачувување на сточниот фонд, ќе дојдеме до 100 илјади овци. Субвенциите се неопходни за да можеме да опстанеме бидејќи сточната храна е многу поскапена – додава Величковиќ.

Според неа, не го губиме само сточарството како гранка туку и македонското јагне и македонското овчо сирење, кои се препознатливи по својот квалитет во земјите од регионот. Во Хрватска и во Италија, килограм македонско јагнешко се продава за 20 евра.

И Маријан Стојановски, сточар од Прилепско што со години одгледува овци, вели дека не е добра ситуацијата, бидејќи во селата каде што се одгледувале по 8.000 овци, сега нивниот број е намален на 100 до 150.

– Сточниот фонд може да се подобри со реална откупна цена на јагнето, која треба да биде над 300 денари за килограм. Не може јагнешкото кај нас да се продава за 10 евра за килограм, а во Италија и Хрватска за 20 евра, а нам да ни го откупуваат за три-четири евра. Слична е ситуацијата и со млекото, кое се откупува по многу ниска цена. Откупна цена на килограм млеко е 1 евро, а на килограм сирење 10 евра. И млекарите и откупувачите ќарат на грбот на сточарите – вели Стојановски за весникот ВЕЧЕР.

Тој вели дека младите не сакаат да се занимаваат со сточарство бидејќи нема пари, а старите се револтирани и ги продаваат стадата.

– Во последниве 15 години, во државата нема ниту еден нов сточар. Срамота е Македонија да остане без сточарство кога има планини, пасишта, земја… – додава Стојановски.

Инаку, по најавите за протест од страна на сточарите, Платежната агенција денеска изврши исплата на дел од субвенциите за 2024 година.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ