Во Драмски театар, режисерот Синиша Евтимов ја одржа првата проба за претставата „Болва в уво“, чија премиера е планирана за втората половина на декември.
„Болва в уво“ е комедија на францускиот писател Жорж Фејдо (1862 – 1921), премиерно изведена во 1907 година. Дејството прикажува како Ремонда Шандебиз е уверена дека нејзиниот сопруг Виктор-Емануел не е способен за брачните должности поради неверство и се обидува да го провери тоа со лажно љубовно писмо од непозната жена, што предизвикува низа хаотични недоразбирања. „Болва в уво“ се смета за едно од најпопуларните дела на Фејдо, кој напишал 39 драмски текстови, а најголемите успеси ги постигнал во жанрот водвиљ.
Во Драмски, „Болва в уво“ по првпат е поставена на 24 март 1974 година, со исклучителна генерација на актери. Таа е култна претстава со 333 изведби.
Директорот Роберт Вељановски на првата проба го изрази задоволството што, точно по 51 година и 8 месеци, режисерот Синиша Евтимов и актуелната генерација актери ќе ја имаат можноста да работат по текстот на „кралот на комедијата“– Жорж Фејдо и да дадат свој генерациски придонес во исчитувањето и креирањето на ликовите во оваа популарна претстава.

Евтимов се заблагодари за довербата и ги охрабри актерите да не бидат обременети од големите успеси на претставите што ги постигнувале претходната генерација врвни актери на Драмски и театарските куќи низ целиот свет, туку да се обидат следејќи ги прецизните насоки на Фејдо, да дадат свој креативен инпут во создавањето на ликовите.
Во делот на адаптацијата и режисерското исчитување на текстот „Болва в уво“, тој изјави: „Дејството се одвива тука и сега, но не баш во нашиот универзум. Светот е модерен и современ, но без геополитичките случувања и интернет-хистеријата што ја окупира димензијата на нашата реалност. Максимално технолошко достигнување во овој универзум е телефон со жица. Писмата и пораките сѐ уште се најнормален начин на комуникација, што ни индицира дека информацијата патува доста бавно, во споредба со нашите поимања на темата. Ова е една сосема розова реалност, каде што секој е среќен со својата улога во општеството. Единствените возбуди и непријатности во нивните животи, се, сепак, последица на базичните нагони на главните протагонисти, во секој од овие можни универзуми, се разбира, зборувам за нас, луѓето и за нашите суети и ниски страсти“.
Улогите во претставата им се доделени на актерите: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ.
Сценограф е Мартин Манев, а костимограф Раде Василев. Инспициент е Жарко Намичев, суфлер Милка Анчевска, а лекторка Тодорка Балова.
„Болва в уво“ е петта и последна планирана претстава од Годишната програма на Драмски, поддржана од Министерството за култура и туризам.












