Претставата „Драми на принцезите – Џеки“ на 13 февруари, во 20:00 часот, ќе ја има својата премиерна изведба на малата сцена во Драмски театар – Скопје.

„Џеки“ е монодрама произлезена од претставата „Драми на принцезите“ на режисерката Жива Бизовичар од Словенија, во која Трајанка Илиева-Вељиќ ја игра Џеки, сопругата на претседателот на САД, Џон Ф. Кенеди. Претставата е работена по текст на австриската авторка Елфриде Јелинек.

– Во драмскиот текст „Драми на принцезите“, Јелинек ја користи фигурата на Џеки Кенеди како културен и медиумски конструкт. Таа е симбол на жена претворена во икона преку траумата, жена чија болка е јавно експонирана, естетизирана и консумирана од масовната култура. Џеки во текстот не постои како субјект со сопствен глас, туку како тело и слика врз кои се проектираат машките, политичките и медиумските наративи. Смртта на сопругот не е само лична загуба туку и спектакл, историски момент што ја замрзнува во улогата на „вечната вдовица“. Јелинек ја проблематизира токму таа позиција: жената што мора да биде достоинствена, убава и тивка додека светот ја набљудува нејзината траума – се посочува во експликацијата за претставата.

Се додава дека, преку Џеки Кенеди, авторката ја разобличува врската меѓу моќта, машкиот политички мит и женската пасивност.

На денешната прес-конференција, директорот на Драмски, Роберт Вељановски, и актерката Илиева-Вељиќ со „Џеки“, всушност, ја најавија првата премиера во годината во која овој театар го прославува големиот јубилеј: 80 години од основањето.

Според Илиева-Вељиќ, монодрамата е слика на потиснатите чувства на Џеки, а не на историските факти.

– Зборува за нештата за кои вистинската Џеки Кенеди не смеела или не можела да зборува во своето време. И покрај својата надворешна сила, таа се соочувала со многу „духови“. Нејзиното страдање е рефлексија на тагата на сите жени во светот – рече актерката.

Прв драматург на претставата е Ник Жнидаршиќ, втор драматург и редакцијата на преводот е на Викторија Рангелова-Петровска, а преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска. Сценограф и автор на музиката е Јан Крмељ, а костимограф Александар Ношпал.

ИЗДВОЕНИ