Улогите во претставата ги толкуваат реномираните актери на Драмски театар: Игор Стојчевски, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александар Степанулески, Јована Спасиќ, Александра Павлова – Бубања, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Роберт Вељановски, Златко Митревски, Ања Митиќ, Денис Абдула, и двајца гости – студенти по актерска игра
Во Драмски театар Скопје денес се одржа првата проба на претставата „Куршуми над Бродвеј“ во режија на Ненад Витанов, адаптација на истоимениот филм на Вуди Ален, соопштија од театарот.
Улогите во претставата ги толкуваат реномираните актери на Драмски театар: Игор Стојчевски, Сашо Тасевски, Јелена Жугиќ, Александар Степанулески, Јована Спасиќ, Александра Павлова – Бубања, Предраг Павловски, Калина Наумовска, Роберт Вељановски, Златко Митревски, Ања Митиќ, Денис Абдула, и двајца гости – студенти по актерска игра.
Како што додаваат Драмски, во пресрет на новата театарска сезона, директорот Роберт Вељановски, на режисерот Ненад Витанов и на тимот на претставата им посакал успешен процес на подготовка на четвртата претстава од годинешната програма на театарот, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Работењето на „Куршуми над Бродвеј“ е второ гостување на режисерот Витанов во Драмски театар. Тој на првата проба, истакнал дека „Куршуми над Бродвеј“, или приказна за моралните и реалните „убиства“ зад сцената, е негова драматуршка обработка и адаптација на познатиот филм „Куршуми над Бродвеј“ напишан од Вуди Ален и Даглас Мекграт, номиниран во седум категории за наградата „Оскар“, меѓу кои и за најдобро сценарио.
Во експликацијата за претставата, Витанов потсетува дека огромниот успех на филмот во кино-салите бил инспиративен за создавање и неколку адаптации за театар, од кои некои дури ја надминале популарноста на оригиналното дело. Витанов додава: „Карактеристично за делата на Вуди Ален е тоа што преку забава ја доведуваат комедијата до најдлабоките филозофски теми. Често, низ призмата на иронијата и цинизмот, помешани со автобиографската невроза, Вуди Ален го пласира сопственото гледиште на одредени теми“.
Оваа пиеса го истражува моралот на еден млад уметник, инспириран од ничеанскиот морал, каде волјата за создавање уметничко дело не признава компромиси и конвенционални ограничувања. Уште на самиот почеток, група уметници, во нивните средби и бескрајни разговори за уметноста, го поставуваат клучното прашање: „Во зграда што гори, можете да спасите само едно нешто – обично човечко суштество или единствениот примерок на собраните дела на Шекспир?“
Главен лик во претставата е Давид, млад идеалистички настроен драмски писател, кој неодамна влегува во „големиот бизнис“ на создавање претстави. Тој очајно се обидува да најде театар кој ќе ја продуцира неговата најнова драма. Директорот на театарот, каде што ја поставил неговата последна драма со слаб успех кај критиката и публиката, добива неочекуван повик од локалниот мафијашки бос. Имено, мафијашот Ники сака да ја финансира претставата, но има само еден услов – неговата девојка и поранешна стриптизета, Оливија, да ја добие насловната улога. Давид склучува фаустовски пакт – ја продава својата душа за своето дело, со цел тоа да живее.
Во претставата „Куршуми над Бродвеј“, во режија, драматизација и адаптација на Ненад Витанов, костимографијата ѝ е доверена на Елена Вангеловска, сценографијата на Филип Витанов, а за кореографијата е задолжена Маја Каревски. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер – Жаклина Цветковска.
Премиерата на новата претстава „Куршуми над Бродвеј“ е планирана за втората половина на октомври.