Канадскиот премиер Марк Карни покрена иницијатива за формирање на еден од најголемите економски сојузи во светот, обединувајќи ја Европската Унија и големата индо-пацифичка трговска група во обид да ги ублажи последиците од најавените царини на Доналд Трамп.
Два големи трговски блока, Европската Унија и 12-члената Индо-пацифичка група CPTPP (Сеопфатен и прогресивен договор за транс-пацифичко партнерство), започнуваат разговори за можно продлабочување на соработката, со цел создавање сојуз што би опфатил околу 1,5 милијарди луѓе. Повеќе извори запознаени со преговорите потврдија за Политико дека консултациите веќе се во тек.
Иницијативата доаѓа откако Карни минатиот месец ги повика таканаречените „средни сили“ да се обединат и да се спротивстават на притисокот во трговските војни, само неколку дена откако Трамп се закани дека ќе ги зголеми царините за европските сојузници на Данска ако Копенхаген не го отстапи Гренланд.
„Канада ги предводи напорите за изградба на мост меѓу Транс-Тихоокеанското партнерство и Европската Унија, создавајќи нов трговски блок од 1,5 милијарди луѓе“, рече Карни, обраќајќи се пред светските лидери и бизнис елитите во Давос.
ЕУ и ЦПТПП планираат да започнат формални преговори оваа година за договор што дополнително би ги поврзал синџирите на снабдување на членови како што се Канада, Сингапур, Мексико, Јапонија, Виетнам, Малезија и Австралија со европскиот пазар.
Потенцијалниот договор би опфатил речиси 40 земји низ целиот свет и би се фокусирал на таканаречените „правила за потекло“. Овие правила го одредуваат економското потекло на производите и се клучни за примена на преференцијални царински стапки. Доколку се постигне договор, производителите од двете групи би можеле полесно да тргуваат со стоки и компоненти, со пониски царини и поедноставени процедури – модел познат како „кумулација на потекло“.
Карни го испрати својот личен претставник во ЕУ, Џон Ханифорд, во Сингапур претходно овој месец за да ги процени ставовите на азиско-пацифичките партнери за потенцијалниот договор.
„Преговорите напредуваат. Имавме многу конструктивни дискусии со партнери од целиот свет“, рече канадски функционер.
Уште во ноември, ЕУ и ЦПТПП се согласија да ги здружат економските сили за да се спротивстават на растечката фрагментација на глобалната трговија, особено по таканаречените „денови на ослободување“ на Трамп и бранот нови царини.
„Гледаме голема вредност во зголемувањето на трговијата меѓу ЕУ и земјите од CPTPP, што дополнително би ја зајакнало отпорноста на синџирите на снабдување“, рече јапонски трговски претставник. Сепак, тој додаде дека не се очекуваат конкретни резултати на краток рок.
Мислењата се поделени во рамките на Европската Унија. Додека некои претставници се многу заинтересирани за договор за кумулација на потеклото, други велат дека тоа не е приоритет во моментов и дека фокусот е на поконкретни и побрзо остварливи цели – како што се диверзификација на трговијата и зајакнување на постојните синџири на снабдување.
За разлика од претпазливиот политички тон, деловната заедница во Европа е сè погласна во својата поддршка на иницијативата. Германската комора за индустрија и трговија ДИХК (DIHK) и британските стопански комори се отворени застапници за договор.
„Сите релевантни засегнати страни ја разгледуваат оваа можност. Доколку правилата се што е можно поусогласени и поедноставни, ова би можело да донесе значителни предности за германските компании“, рече Клеменс Кобер, директор за трговска политика во ДИХК .
Тој потсети дека ЕУ веќе има договори за слободна трговија со повеќето членови на CPTPP, вклучувајќи ги Нов Зеланд, Јапонија, Велика Британија и Канада, пренесува Н1.
„Можноста за кумулација на потеклото помеѓу различни договори е исклучително корисна. Доколку се покажат конкретни придобивки, ова би можело да ги охрабри другите земји да се приклучат“, рече Кобер.
„Колку повеќе партнери, толку подобро“, заклучи тој.











