„Во оваа манастирска црква се врши истражување, реставрација и конзервација, активности кои неколку години беа во застој. Годинава се реализирани дополнителни истражувачки работи за утврдување на автентичниот живопис од 13 век во наосот и олтарот на црквата…“, вели министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој денеска заедно со Александар Јорданоски, директор на Националниот конзерваторски центар, ги посети установите од областа на културата во Велес

 

Црквата „Св. Димитрија“ во Велес која е прогласена за заштитено културно добро и претставува еден од највредните споменици на духовната и на уметничката традиција во Македонија, продолжува да се реставрира. Во овој храм е особено значајна уникатната фреска „Страшниот суд“, која сведочи за високото ниво на фрескопис и богатата религиозна историја на нашите простори.

„Во оваа манастирска црква се врши истражување, реставрација и конзервација, активности кои неколку години беа во застој. Годинава се реализирани дополнителни истражувачки работи за утврдување на автентичниот живопис од 13 век во наосот и олтарот на црквата. Тие беа изведени со употреба на термичка камера – инфрацрвена термографија и мануелно отворање сонди на ѕидното сликарство“, меѓу другото посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој денеска го посети овој исклучително значаен верски објект. Тој додаде дека воедно е извршена и дигитална реконструкција на натписот од ктиторскиот портрет во припратата на црквата.

„Нашата мисија е да го сочуваме и достојно да го промовираме ова свето место и неговото непроценливо културно богатство, како трајно сведоштво за духовниот и уметничкиот идентитет на Македонија“, посочува министерот Љутков, кој храмот го посети заедно со Александар Јорданоски, директор на Националниот конзерваторски центар. Како што беше истакнато при посетата, идентификувани се потребите и приоритетите за натамошна заштита, конзервација и валоризација на ова културно наследство.

Вчера од страна на министерот Љутков и тимот од Националниот конзерваторски центар беа посетени и Музејот на Велес, како и спомен-куќите на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Кочо Рацин и Васил Главинов, значајни личности кои се длабоко вградени во историјата на македонската култура, образование и општествена мисла.

„Она што можев да видам од посетата, е дека, реално, ќе им биде потребно освежување и обновување. Направивме увид и ќе направиме и анализа, со цел да утврдиме како да се помогне во иднина. Еден од аспектите што ги отворивме е и како да се прошират капацитетите на Музејот, како овие куќи да бидат постојано отворени за посетители, но и да видиме можен начин на стопанисување. Еден дел се под капата на Музејот, а дел од куќите е директно под Градот Велес. Затоа ќе направиме анализа за тоа што може да се направи во 2026 година“, додаде Љутков.

За куќата на Апасиеви во Велес, која во 2021 година е прогласена за културно наследство во опасност, пак, министерот посочи дека се преземаат одредени активности, но и дека имало мал застој.

„Годинава во програмата имаме три проекти за реализација во Велес. Во моментов се работи на куќата на Апасиеви. Обезбедени се околу 4 милиони денари и во тек се конзерваторско-реставраторски работи. Бидејќи се тоа стари објект кои потекнуваат од почеток на 20 век, се откриваат непознати делови на кои треба да се интервенира. Во моментов се прави дополнителен проект за статичка стабилизација на објектот, по што ќе се продолжи со интервенција“, посочи Александар Јорданоски, директор на Националниот конзерваторски центар.

На прашањето, пак, за комплексот „Варналиите“ кој беше опожарен, Јорданоски посочи дека веднаш по опожарувањето било излезено на терен, но и дека е направен иден концепт за обнова.

„Целта на посетата на Велес е директно на терен да се согледаат состојбите, да се идентификуваат потребите и приоритетите за натамошна заштита, конзервација и валоризација на културното наследство, како и да се унапреди институционалната соработка меѓу Министерството за култура и туризам и надлежните установи на локално и национално ниво“, додаде министерот Љутков.

Инаку, Министерството за култура и туризам, во рамки на Годишната програма за 2025 година, за поддршка на проекти во Велес има издвоено околу 20 милиони денари, што претставува значајна инвестиција во заштитата, презентацијата и афирмацијата на културното наследство и активностите на културните институции во овој регион. (Д.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ