Финансиски, според последната процена, иконата вреди колку 10 државни буџети на Црна Гора. За православието таа е бесценета, а причина за тоа е и начинот на кој е создадена и нејзината историја низ која се поврзува и со чуда. Се верува дека тоа е првата икона на богомајката, што ја насликал евангелистот Лука, додека таа му позирала. Во денешната верзија иконата Богородица Филермоза дотерана од најпознатите руски царски златари има златна рамка со прикази на пупки на лалиња и ангели и двоен ред од 270 дијаманти. Украсена е и со рубини и сафири, а на неа го има и малтешкиот крст изработен од емајл
Една од највредните реликвии во Христијанството, иконата позната како Богородица Филермоза, откако го обиколила светот, веќе осум и пол децении за свој дом ја има Црна Гора. Во секоја смисла на зборот, оваа икона што се чува во Националниот музеј на Црна Гора во Цетиње е многу вредна. Финансиски, според последната процена таа вреди колку 10 државни буџети на Црна Гора. Оваа висока сума произлегува од богатите украси на иконата од злато, сафири, рубини, дијаманти… За православието таа е бесценета, а причина за тоа е и начинот на кој е создадена и нејзината историја низ која се поврзува и со чуда.
– Во Сината капела, во посебно украсен простор во домот на Владата, се наоѓа една од трите најпочитувани христијански светилишта – Иконата на Богородица Филермоза. Таа се смета за најстарата зачувана слика на Богородица. Легендата вели дека евангелистот Лука ја насликал според жив модел во средината на првиот век. Таа е една од иконите на кои Богородица „ѝ го дала својот благослов и на неа ја излеа својата благодат, за да се спасат луѓето преку иконата и молитвите“, пишува на веб страницата на музејот.
Според преданијата, Лука оваа икона ја насликал во 46. година, а потоа Богородица му позирала за уште две. Се верува дека сите подоцна насликани ликови на богомајката се темелеле на тие икони. Низ вековите иконата сменила повеќе локации. Нејзината бурна историја се следи од 1395 година, кога витезите од витешкиот ред Свети Јован ја донеле на брдото Филермоз на островот Родос, по кое и го добила името. Речиси еден и пол век подоцна, за време на отоманската власт Турците почнале да го напаѓаат островот, а една од опсадите траела четири месеци. Тие не успеале да ја освојат Малта, а според некои записи за победата на чудесен начин била заслужна Богородица. Таа информација што се проширила низ светот помогнала да се зајакне култот на Богородица и сесрдно да се верува во нејзините чудотворни моќи. Подоцна, Сулејман Величествениот го опседнал Родос со повеќе од 400 бродови и успеал да го окупирал островот. За да ја спасат иконата, Малтешките витези прво ја пренеле во Италија, потоа во Ница за на крајот да стигне до Малта, во црквата „Свети Лоренцо“ во Ла Валета. За чувањето на иконата на Малта има интересна приказна која ги покажува нејзините чудотворни моќи. Црквата „Свети Лоренцо“ изгорела кога свеќа паднала врз оргулите и ги запалила. Ѕидот на кој стоела иконата целосно бил во пламен, но таа го преживеала пожарот неоштетена. На темелите на изгорената црква „Свети Лоренцо“ подоцна е изградена нова, која се вика „Света Марија Победничка“. По пожарот, во наредните две години чудесната икона се чувала во катедралата „Свети Јован“. Кога Наполеон и француската војска ја окупирале Малта во 1798 година, иконата била пренесена во Руската Империја на чело со царот Павле Први. За време на неговото владеење металната рамка на Богородица Филермоза била заменета со златна и украсена со дијаманти, сафири, рубини. Тогаш биле направени и две нејзини копии. По Октомвриската револуција во 1917 година, преку Копенхаген и Берлин, Богородица Филермоза ѝ била предадена на чување на династијата Караѓорѓевиќ. Но, кога во 1941 година, пред почетокот на Втората светска војна, семејството на кралот Александар и раководството на Кралството Југославија бегале од државата преку Црна Гора, иконата ја оставиле во манастирот Острог. Таму останала до 1977 година, кога била предадена на Националниот музеј на Црна Гора во Цетиње.
Богородица Филермоза првпат ѝ била претставена на јавноста во 2002 година. Сега е изложена во Сината капела во Музејот на уметност, а не се знае дали таму ќе остане или ќе го продолжи патот. Уште од пред една деценија има иницијатива, проект и обезбедени се пари за преместување на иконата во цетинската пештера зад Цетинскиот манастир. Идејата за Богородица Филермоза во пештерата е да асоцира на прикази од раѓањето на Исус Христос. Но, јавноста не го поддржа тоа. Едно од образложенијата е дека таму може да биде поплавена.
Во денешната верзија, иконата Богородица Филермоза дотерана од најпознатите руски царски златари има златна рамка со прикази на пупки на лалиња и ангели и двоен ред од 270 дијаманти. Украсена е и со рубини и сафири, а на неа го има и малтешкиот крст изработен од емајл. Но, сега на иконата ѝ недостасуваат неколку скапоцени камења за кои не е точно дефинирано кога и како исчезнале. Не стивнува ниту бурата во нејзиниот „живот“. Освен дилемите дали треба да се чува во музеј или во пештера, има препукувања и меѓу српската и црногорската црква кој го поседува правото на неа. Кипарци сметаат дека Богородица Филермоза им припаѓа ним, а Малтешките витези ја заштитија како препознатливо име.
Оваа најстара икона на Богородица во Националниот музеј годишно ја гледаат речиси 8.000 посетители.