Во Чифте-амам на 18 септември, во 20 часот, со изложба ќе се претстави Љупка Делева. По повеќедецениското живеење и творење во Венеција, македонската авторка Делева го презентира својот најнов проект „Трансформации – Flusso – Flux: 1998 –2025“, кој има ретроспективен и критички карактер. Изложбата е мултимедијален архив на нејзиниот творечки опус, вклучувајќи фотографии, видеа, перформативни акции, акварели, цртежи, интервенции и други визуелни експерименти. Особено е значајно тоа што голем дел од овие проекти првпат се прикажуваат пред домашната публика, отворајќи простор за комплексна визуелна и концептуална анализа на трансформациите во уметничката практика.
Проектот се занимава со трансформацијата на идентитетот низ призма на транснационалност, хибридност и постмиграциски субјективитет. Делева ја истражува двојната позиција на современиот мигрантски субјект, кој е истовремено емигрант (од напуштање на татковината) и имигрант (во процес на адаптација во новата културна средина). Покрај транснационалната димензија, проектот ги истражува и родовите и социјалните аспекти на идентитетот, особено конфликтот помеѓу улогата на граѓанин, мајка и на уметник, како и нивната интеракција со постмодерната и постколонијалната рамка на хибриден идентитет. Така, изложбата се движи кон критичка рефлексија на опоненции, константна реконфигурација на субјективноста и визуелното артикулирање на личниот и колективниот процес на идентификација.
Во таа смисла, „Трансформации – Flusso – Flux: 1998 –2025“ ја артикулира универзалната состојба на современиот мигрантски субјект: флуиден, хибриден, контекстуално конструиран, секогаш во процес на критичка и естетска реинтерпретација, кој се позиционира на меѓупросторот помеѓу културите, нациите и социјалните улоги.
Куратор на проектот е д-р Ана Франговска, а изложбата ќе може да се види до 9 октомври.