Изложбата, која ќе се реализира по повод празникот Св. Трифун, на 13 февруари, во Музејот галерија Кавадарци, обединува дела од 35-мина уметници, претставувајќи репрезентативен пресек на современите ликовни изрази и авторски сензибилитет. Иако иницирана од празничниот контекст, поставката не е тематски дефинирана, туку функционира како отворена платформа за слободен уметнички израз. Според директорот м-р Јаким Зимоски, посебна симболика добива и фактот што се одржува оваа изложба во 2026 година, кога Музејот галерија Кавадарци одбележува значаен јубилеј: 50 години од своето постоење

 

Во чест на празникот на лозарите, Св. Трифун, 35-мина еминентни македонски уметници ќе се претстават на групната изложба што ќе биде отворена на 13 февруари во 19:30 часот, во Музејот галерија Кавадарци. Изложбата, која веќе стана традиција, претставува репрезентативен пресек на современите ликовни изрази и авторски сензибилитет. Директорот на Музејот галерија Кавадарци, м-р Јаким Зимоски, истакнува дека традиционалната изложба „Боите на Св. Трифун“ претставува значаен културен настан што, преку ликовното творештво, ја афирмира врската меѓу духовното наследство, вековната традиција на лозарството и современата уметничка мисла.

– Делата изложени во оваа поставка ја пренесуваат симболиката на св. Трифун како заштитник на лозјата и виното, но и како инспиративен мотив што ги обединува уметниците во заеднички визуелен и културен израз. Оваа година, изложбата се реализира по трет пат во овој формат, со што се заокружува една кратка, но значајна историја на континуитет и посветеност кон одбележувањето на празникот Св. Трифун преку уметноста. Низ овие три изданија, „Боите на Св. Трифун“ постепено се етаблира како препознатлива традиција во културниот живот на Кавадарци и пошироко. Посебна симболика добива и фактот што се одржува оваа изложба во 2026 година, кога Музејот галерија Кавадарци ќе одбележи значаен јубилеј: 50 години од своето постоење. Половина век континуирана грижа за културното наследство, уметноста и музејската дејност претставуваат силна основа и обврска за понатамошно негување и развој на вакви културни манифестации – истакнува Зимоски.

Меѓу 35-темина автори чии дела ќе бидат дел од изложбата се: Трајче Чатмов, Тања Балаќ, Решат Ахмети, Ангел Коруновски, Павле Кузмановски, Дита Старова-Ќерими, Никола Пијанманов, Тони Шулајковски, Данчо Ордев…

– Иако иницирана од празничниот контекст, поставката не е тематски дефинирана, туку функционира како отворена платформа за слободен уметнички израз. Секој уметник учествува со дело по сопствен избор, афирмирајќи ги своите уникатна поетика, автономен визуелен јазик и индивидуален творечки пристап. Токму таа слобода на избор овозможува да се развие изложбата како простор на различности, каде што индивидуалните авторски позиции коегзистираат во заедничка галериска целина – велат од Музејот галерија Кавадарци.

Оттаму додаваат дека изложбата воспоставува ненаметлив дијалог со празникот Св. Трифун, како момент на средба, заедништво и обновување.

– Традицијата овде не е директно интерпретирана, туку постои како културен контекст што ја обединува различноста без дa ја ограничува индивидуалноста.

Така, изложбата се заокружува како достоинствен визуелен настан, во кој слободата на авторскиот избор и богатството на различни поетики се издигнуваат во заедничко сведоштво за виталноста и за континуитетот на современата уметност – се вели во најавата на изложбата.

Кустосот етнолог Ангела Симонова истакнува дека празникот Свети Трифун претставува значаен дел од нематеријалното културно наследство, како сведок за вековната врска меѓу човекот, лозата и виното како симболи на животот и трудот.

– Тој се смета за заштитник на лозјата, виното и на земјоделците, а празникот го означува почетокот на новиот лозарски циклус. Во Тиквешијата, овој празник се празнувал од многу одамна, а лозарите му посветуваат големо внимание на заштитникот на виновата лоза, вели, меѓу другото, Симонова. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ