Во МОБ на 11 ноември!
„Летај галебе“ е насловот на концертот што ќе се одржи на 11 ноември во МОБ во режија на Дејан Пројковски, а под диригентската палка на Сашо Тататрчевски. Концертот му е посветен на големиот маестро Кире Костов. Музички соработници се Дамир Имери и Владимир Костов, а ќе настапи и големиот Камерен оркестар. Водители ќе бидат Живкица Каленикова и Огнен Јанески.
На концертот, големите евергрини напишани од Костов ќе ги пеат: Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов, Ана Петановска, Елена Васова и Sugiya Makonami. Како гости ќе настапат и Љупчо и Бобан Мирковски.
– Ова е важен концерт за нашето семејство бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Тој беше човек што живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите за нивната посветеност и ангажман, вели Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на маестро Костов. Концертот ќе се снима, ќе биде архивиран и наскоро емитуван на Македонската телевизија. (Д. М.)












