Во Бугарија запленети 206 килограми кокаин, вреден 20 милиони евра

783
EPA-EFE/Orlando Barria

Бугарските гранични служби денес објавија дека успешно заплениле една од најголемите пратки кокаин пронајдени досега во комбе со белгиски регистарски таблички насочено кон Турција.

Според царинските службеници, заплената на речиси 206 килограми кокаин е најголемата досега на копнената граница на Бугарија, објавува АП.

Дрогата била скриена во 179 запечатени пакети сместени меѓу лични работи во пет куфери, а претресот на возилото довел до откривање на дрога во вредност од 20 милиони евра.

Обвинител на округот Хасково, Иван Стојанов, ги идентификуваше трите лица кои се обидоа да ја преминат границата во Турција како дипломат од Демократска Република Конго акредитиран во Белгија, белгиски државјанин и бугарски возач.

Стојанов рече дека тие би можеле да се соочат со затворска казна до 20 години доколку бидат осудени за трговија со дрога. Започната е истрага, заедно со партнерски организации во други земји од ЕУ, за потеклото на кокаинот и неговите крајни примачи.

Бугарија, која во последните години презеде чекори за борба против трговијата со дрога, се смета за клучна транзитна точка на балканската рута за трговија со дрога, која се користи за снабдување на Западна Европа со хероин од Азија и Блискиот Исток и кокаин од Латинска Америка.

ИЗДВОЕНИ