Бугарското Министерство за правда денес објави дека 75 стари лица, затворени и подложени на понижувачки третман во два нелегални центри за згрижување биле евакуирани за време на голема полициска операција, пренесува „Бета“.
„На некои им биле врзани нозете и биле под дејство на седативи. Тие биле заклучени заедно во соби на кревети без чаршафи, додека рачките на прозорците биле отстранети за да бидат отсечени од надворешниот свет“, се вели во соопштението, во кое се додава дека двата центри се наоѓаат во селото Јагода во источна Бугарија.
Мажите и жените, на возраст од 51 до над 85 години, живееле во поранешни центри за згрижување, кои сопствениците ги претвориле во „соби за изнајмување“ за околу 440 до 450 евра месечно, дозволувајќи им да избегнат инспекциски надзори од социјалните и здравствените служби.
Локалниот обвинител отвори истрага за „нелегално притворање, насилство и занемарување“.
Според очевидци, една постара жена не го напуштила објектот четири години. Маж кој се обидел да избега бил фатен, претепан и оставен во несвест, се вели во соопштението.
Пет осомничени се уапсени и притворени, се додава во соопштението.
Точно 18 постари лица се хоспитализирани, од кои двајца се во сериозна состојба, соопшти министерството.
Министерот за правда Георги Георгиев ги опиша местата како „куќи на ужасот“.
Бугарија, најсиромашната земја во Европската Унија, редовно е критикувана за сериозни недостатоци во нејзините здравствени установи, особено во психијатријата.
Недостатокот на јавни установи за нега на стари лица го поттикна растот на нелегалните центри.
Во ноември 2021 година, девет постари лица загинаа во пожар во дом за стари лица во близина на Варна, додека четворица ги загубија животите во сличен инцидент во мај 2022 година во друг центар во истиот регион.