– Капиталните расходи за 2026 година се проектирани на реално ниво, засновано врз досегашната реализација и очекувањата за следната година. При оцена на реализацијата на капиталните инвестиции, не може целата одговорност да ѝ се припише само на Владата, бидејќи често доцнењата произлегуваат од компаниите изведувачи, кои се соочуваат со недостиг на работна сила и со други ограничувања – посочи министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во телевизиско гостување.

Таа истакна дека ако се погледне реализацијата на капиталните расходи низ годините наназад, ќе се види дека никогаш реализацијата не била согласно со тоа што било проектирано.

– Ќе видите дека се дефинирани трансфери до јавните претпријатија и до акционерските друштва во сопственост на државата како капитални расходи. Со примената на новата методологија, според која трансферите кон јавните претпријатија и државните акционерски друштва веќе не се водат како капитални расходи, се добива поквалитетна и реална слика за вистинските инвестиции – вели Димитриеска -Кочоска.

Ако се спореди 2025 со 2024 година, министерката посочува дека ќе се види огромна реализација на капиталните расходи.

– За 19 % имаме поголема реализација на капиталните расходи според новата методологија. Што значи дека и покрај тоа што еден дел од трансферите во минатата година биле вклучени во капиталните расходи, а сега не се вклучени, повторно имаме раст. Ако ги додадеме нив, имаме над 47 % раст на капиталните расходи оваа година, иако повторно не сме до 100 % реализација од проекцијата од 47 милијарди денари за 2025 година – истакна Димитриеска-Кочоска.

Министерката укажа и на проблемот со малата реализација на средствата што ги имаат институциите на сопствените сметки. Во 2025 година, од вкупните 47 милијарди денари капитални расходи, дури 15 милијарди се предвидени од сопствените средства на институциите, сегмент каде што реализацијата е најниска.

– Реализацијата на сопствените сметки е нешто што го наметнав кога дојдов како министер за финансии. Во моментот кога дојдов, 14 милијарди денари стоеја на сопствените сметки на институциите, кои во буџетот не се гледаат и на сметка, и јас, како министер за финансии, треба да позајмам од банките пари да ги покријам нивните расходи. Токму поради ова, Министерството за финансии ја воведе обврската институциите да ги трошат сопствените средства за предвидените инвестиции и дека за 2026 година е направена корекција на нивната проекција во буџетот. Не можам да се согласам институциите да си ги чуваат овие средства на сметка и да не ги трошат, бидејќи не постојат сопствени приходи и сопствени сметки, сите сметки се на државата или на граѓаните. Не можеме да ги чуваме на сопствени сметки и да не ги трошиме – кажа министерката Димитриеска-Кочоска.

ИЗДВОЕНИ