вторник, февруари 17, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во Буџетот има пари за повисоки плати, но не и за работниците

Во Буџетот има пари за повисоки плати, но не и за работниците

ССМ ја блокираше Владата и и постави услов ако не се прифати барањето за повисоки плати до крајот на февруари на почетокот на март ќе организираат генерален штрајк што би опфатил повеќе сектори. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов изјави дека во Буџетот има пари, но не се правилно распределени односно приоритетите во распределбата не одат во корист на работниците. Тој посочи дека само 17 проценти од она што го создаваат како капитал на компаниите е за плати на работниците, а останатото оди во џебот на газдите

237

Сојузот на  синдикати на Македонија вчера ја блокираше Владата, поради тоа што одбива да се договори со работодавачите за зголемување на минималецот на 600 евра и на останатите плати за 6.000 денари. Тие им дадоа ултиматум на Владата и на работодавачите, ако до крајот на февруари не се договорат за зголемување на платите во првата половина на март следува генерален штрајк и голем работнички протест за кој ќе биде организиран и превоз од останатите градови за секој оној што ќе сака да присуствува. Во наредниот период до почетокот на март не се искллучува можноста за организирање блокади на таргетирани институции и во внатрешноста на државата.

Додека притисокот директно се насочува кон Владата, работодавачите постојано во јавноста изнесуваат аргументи дека економските услови не дозволуваат зголемување на минималната плата. И наместо да има преговори за продуктивноста, профитите, трошоците и реалните можности на компаниите, целата борба се сведува на улица. Во меѓувреме, за илјадници семејства минималната плата и понатаму едвај ги покрива основните трошоци за живот.

Со 24 луѓе колку што има министри во Владата вчера беа доволни да ги блокираат влезовите и да побараат на седница да се разгледа барањето на синдикатите за зголемување на платите. Како што најави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов ќе ја продолжиме и во сите градови во Македонија.

-Аргументите кои ги изнесувавме минатата година не беа прифатени од владините претставници и од претставниците на работодавачите, аргументите дека на секоја затворена компанија две нови се отвараат, аргументите дека бројот на вработени од 2022 година до денес е зголемен, аргументите дека им создваме капитал на газдите помеѓу 5 и 10 илјади евра на годишно ниво, аргументите дека продуктивноста е мала… Меѓународната организација на трудот покажа дека македонските работници се премногу продуктивни за платите што ги примаат, бидејќи само 17 проценти од она што го создаваат како капитал на работодавачите се слева во платите на работниците или како пример – 24.379 денари изнесува минималната плата месечно за еден работник, а 290.000 денари е продуктивноста што ја создава работникот за работодавачот, изјави Трендафилов.

Според него, во државата има пари, но не се правилно распоредени. Тие сакаат да ги уживаат сите придобивки кои им ги даваат гласачите наспроти работниците осиромашуваат, а минималната синдикалната кошница за една година е зголемена за 9.250 денари.

-Ако одлучат, на седница на Влада, да ги зголемат платите нема да ме гледаат повеќе на телевизија, нема да ме гледаат на социјалните медиуми. Се дотогаш продолжуваме онаму каде што стоиме сега, на улица, изјави Трендафилов.

Тој потсети дека минималната плата минатата година ја утврди министерот за економија и труд, без согласност на Економско социјалниот совет, спротивно на законот и порача оваа година да не се повтори ова пракса.

-ССМ нема да се откаже од борбата за достоинствена плата, затоа што 9.250 денари е зголемена вредноста на синдикалната минимална кошница во овие 24 месеци, а минималната плата не е зголемена воопшто, туку само усогласувана согласно законските одредби. Ако минималната плата законски биде усогласена во март зголемувањето ќе биде до 1.700 денари, ако некој смета дека треба да се откажеме слободно нека каже, но ако некој смета дека треба да продолжиме да се бориме — не треба да го коментира тоа, туку да излезе на улица со нас затоа што само така можеме да се избориме за нашите работнички права, рече Трендафилов.

Од ССМ препдупредија дека ниту видеата, ниту следењата, заокружувањата со фломастер на тие кои протестираат, нема да ги заплаши и дека се надеваат дека ќе победат во оваа синдикална битка за поголеми права и поголеми плати за работниците.

Синдикатите и дадоа рок на Вадата до крајот на овој месец да се договорат за зголемување на платите, а на голем протест повикуваат во првата половина на Март, пред зконско усогласување на минималецот.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ