среда, февруари 11, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во Битола ќе се произведуваат спортски реквизити и лифтови

Во Битола ќе се произведуваат спортски реквизити и лифтови

Во индустриската зона Жабени се очекува да почнат со работа две компании. Станува збор за германски инвеститор за спортски реквизити, чиј производствен објект е во завршна фаза, и за турски инвеститор, производител на лифтови. Менаџментот на претпријатието минатата година раскина дел од договорите со инвеститори што закупиле парцели за изградба, но никогаш не инвестирале, за што биле толерирани сè до завршувањето на договорот

55

Јавното претпријатие за стопанисување со индустриската зона Жабени наскоро ќе промовира две нови инвестиции – производствени капацитети на компании од Германија и од Турција.

Според утврдената програма на ова битолско јавно претпријатие, во текот на годината се планирани доградба и пуштање на фотонапонска електрана за сопствени потреби.

– Во текот на оваа година ќе почнат градежните активности на две компании што набавија парцели во зоната. Станува збор за германски инвеститор за спортски реквизити, чиј производствен објект е во завршна фаза, и за турски инвеститор, производител на лифтови. Очекуваме нормализирање на состојбата со две мали фирми инвеститори – „Спринг“ и „Конкрит“ со кои се воделе судски спорови, а во овој период ќе се доизгради и нашата фотонапонска електрана со која драстично ќе се намалат нашите трошоци за електрична енергија – потврдија од ЈП СИЗ „Жабени“.

Менаџментот на претпријатието минатата година раскина дел од договорите со инвеститори што закупиле парцели за изградба, но никогаш не инвестирале, за што биле толерирани сè до завршувањето на договорот.

– Во текот на 2026 година ќе бидат склучени договори со локалните комунални претпријатија, со што ќе се подобрат комуналното уредување, осветлувањето, движењето по тротоарите и поставувањето комунална опрема, кои инвеститорите често ги бараат – нагласија од претпријатието, чија програма за работа е прифатена од Советот на Општина Битола.

ЈП СИЗ „Жабени“ – Битола наскоро ќе објави повик за продажба на нови парцели во индустриската зона, која се наоѓа во непосредна близина на граничниот премин Меџитлија.

ИЗДВОЕНИ