Во Битола две деца искасани од улични кучиња

464

За десет дена беа искасани две мали деца, од кои едното на неполни две години, а другото на осум години, од улични кучиња на плоштадот „Магнолија“, во строгиот центар на Битола. Тие се здобија со тешки телесни повреди на лицето, поради што мораше да им бидат санирани повредите во Клиничката болница. Осумгодишното дете беше нападнато од куче на 13 април и имаше повреди на челото, а помалото – на 20 април, односно на Велигден, со повреди на устата, образот и на брадата.

По неколкуте немили настани, вонреден состанок одржаа прифатилиштето за кучиња „Хачико“, ветеринарните клиники и Агенцијата за храна и ветеринарство, на кој биле разгледани сите законски можности и начини безбедно да се отстранат кучињата од улиците и да се сместат во прифатилиште.

Во соработка со инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство и со ветеринарните клиники, донесени се следниве насоки за постапување: повторно заловување на кучињата на критичните локации од пријавите, со цел заштита на граѓаните; заловување и времено чување на кучињата во прифатилиштето во центарот на градот (Широк сокак, Градскиот парк, Саат кулата, Офицерскиот дом,) поради зголемениот број туристи што ќе бидат присутни во периодот што следува. Исто така, на иницијатива од градоначалникот е договорено воспоставување засилена координација со СВР Битола, за зголемени контроли на критичните точки каде што постои сомнеж дека се пуштаат кучињата од околните населени места или општини.

– Во периодот од отворањето на прифатилиштето, процесот на стерилизација и на кастрација го имаат поминато повеќе од 200 кучиња, што преставува повеќе од 25 % од вкупниот број. Но, согласно со законските прописи, доколку не се задоми заловеното куче, а не предизвикало штетен настан, обврзани сме да го вратиме на локацијата каде што е заловено – информираат од прифатилиштето за кучиња „Хачико“.

ИЗДВОЕНИ