Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер, вечерва од 20.45 часот, во Битола ќе го пречека европскиот шампион Магдебург, во натпревар од 9. коло во Лигата на шампионите. Во пресрет на мечот со бундеслигашот своите очекувања ги сподели тренерот на битолчани Шпанецот Рубен Гарабаја.

„Воопшто не е лесно да се игра против Магдебург. Имаме искуство од првиот натпревар и треба многу работи да подобриме за да имаме шанси против нив. За среќа сега го имаме комплетниот состав. Мора да обратиме внимание на нивниот контра напад. Постигнуваат многу голови од контра напади. Лесно е да се каже дека тоа може да се сопре, треба да се реализира на терен и да се биде максимално фокусиран. Верувам дека ќе биде поинаку за разлика од првиот меч. Најмногу заради тоа што играме на домашен терен., кажа Гарабаја и додаде:

„Воопшто не е лесно да се игра тука, во оваа атмосфера. Видовте каква беше разликата против ПИК Сегед. Нашиот учинок беше многу различен во двата натпревари и се надевам дека можеме да повториме и да одиграме подобро против Магдебург на домашен, отколку на гостински терен. Не беше предобро во Битола против ПИК Сегед и прелошо во Унгарија. На домашен терен во првиот дел нашите голмани имаа 52% одбрани и тоа ни даде предност од пет гола и нè стави во ситуација да го водиме натпреварот. Во вториот дел одбраните на голманите на двете екипи беа изедначени и на крајот завршија со слични бројки. На натпреварот во Сегедин имаше голема разлика. Нивните голмани го завршија натпреварот со 21 одбрана од 42 шута, што е десет одбрани повеќе од вообичаено. Можеби петнаесет разлика не се реален пораз за нас. Тие заслужија победа, но ние не не заслуживме толку висок пораз, анализираше Гарабаја.

Еурофарм Пелистер и Магдебург, во официјален европски натпревар, прв пат силите ги одмерија во сезоната 2020/21, кога во осминафиналето од ЕХФ Европската лига, Германците остварија две победи од (35:24) во Магдебург и (32:24) во Битола.

Во четиридецениската меѓународна ракометна историја на Пелистер, во Битола гостувале скоро сите германски клубови: Франкфурт, Лемго, Фленсбург, Фуксе Берлин, Хановер и Рајн Некар Левен, а вечерва со посебно задоволство се очекуваат ѕвездите на актуелниот европски ракометен шампион Лукас Мертенс, Пабло Ланге, како и нивните интернационалци Лагергрин, Магнусон, О’Саливан, Бергендал и други ракометари на кои ќе им се спротивстават Кузмановски, Пешевски, Манасков, Митревски…и секако „чкембарите“ како „осми“ играч.

 

ИЗДВОЕНИ