Агенцијата презема повеќе обврски од одобрениот буџет, има континуирана промена на раководната структура, што влијае на нејзиното работење, а одговорните лица не доставуваат шестмесечни извештаи за работењето. Во текот на ревизијата, утврдено е дека е поништен конкурсот за финансирање на филмски проекти без законски основ, но и дека има слабости во постапката за спроведување на конкурсите за филмски проекти и фестивали. Агенцијата не воспоставила контроли во процесот на реализација на филмските проекти и фестивали, а нема ни евиденција за филмовите што се дистрибуирани и прикажани во домашните кина. Воедно, недостига и документација од страна на продуцентските куќи за докажување на исполнетите услови, што укажува на ризик од ненаменско користење на доделените средства. Ова се само дел од забелешките утврдени од ДЗР во конечниот ревизорски извештај за работата на Агенцијата за филм за 2024

Слабостите во работењето и неправилностите во Агенцијата за филм не се надминати и се повторуваат, заклучува Државниот завод за ревизија (ДЗР) во конечниот ревизорски извештај за работата на Агенцијата за филм за 2024 година, кој го објави на својата веб-страница.

Со извршената ревизија за 2024, изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Како што посочува ДЗР во соопштението, во 2024 година постоела континуирана промена на раководната структура, што влијае на начинот на работењето и на остварувањето на основната цел на Агенцијата за која е формирана. Во извештајот е нотирано и дека Агенцијата за филм „во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, што, исто така, влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Агенцијата. Тој недостиг го надополнува со ангажирање лица со договор на дело“, додава ДЗР, „без спроведена постапка за исполнетост на условите и квалификациите за соодветното работно место“.

-Обврските по неисплатени проекти по одобрени средства од буџетот на Министерството за култура и туризам за кои се склучени договори за производство на долгометражен и на краткометражен игран, документарен и анимиран филм, како и за фестивали, бележат тренд на континуирано и значително зголемување, особено во периодот од 2022 до 2024 година. Соодносот меѓу одобрениот буџет и обврските по проекти изнесува 1 наспрема 5, што укажува дека Агенцијата во континуитет презема повеќе обврски од одобрениот буџет. Значителното зголемување на обврските на Агенцијата ги нарушува барањата на Законот за финансиска дисциплина, како и начелото на сигурно финансиско управување предвидено со Законот за буџетите и може да доведе до судски постапки и трошоци по основ на камати. Попис на средствата, побарувањата и обврските во Агенцијата за филм не е извршен, ниту е направено усогласување на искажаната состојба во деловните книги со фактичката состојба, иако биле донесени неколку решенија за тоа. Попис не е извршен ниту во претходните години, што претставува сериозен пропуст во финансиското управување.

Агенцијата нема изготвено стратегија за развој на филмската дејност, со што недостигаат јасни насоки за долгорочниот развој и за приоритетите во оваа област, стои во извештајот на ДЗР.

Се нотира и дека одговорните лица не доставуваат до Владата шестмесечни извештаи за работењето на Агенцијата, „што негативно влијае на транспарентноста и отчетноста во работењето“. Ревизорите утврдиле дека не е воспоставена ажурирана евиденција за филмските продуценти, дистрибутерите, киноприкажувачите, како и за филмовите снимени со средства од буџетот на РС Македонија. Недостига и евиденција за филмовите што се дистрибуирани и прикажани во домашните кина.

– Во текот на ревизијата е утврдено дека е извршено поништување на конкурсот за финансирање филмски проекти (игран, документарен и анимиран филм) без законски основ, што претставува прекршување на пропишаните процедури. Констатирани се слабости во постапката за спроведување на конкурсите за филмски проекти и фестивали, како и отсуство на интерен акт или процедура што би ги дефинирала правилата за спроведување на овие постапки. Причина за тоа е укинувањето на претходно важечкиот Правилник за поддршка на филмски проекти. Агенцијата не воспоставила целосни и навремени контроли во процесот на реализација на филмските проекти и фестивали. Недостига документација од страна на продуцентските куќи за докажување на исполнетите услови, што укажува на ризик од ненаменско користење на доделените средства – стои во соопштението.

Ревизорите утврдиле слабости и во следењето на динамиката на реализацијата и исплатата на филмските проекти, што, посочува ДЗР, „создава ризик од нефункционална распределба и користење на буџетските средства“. Евидентирано е дека е склучен договор за финансирање на проектни активности на здруженија од областа на филмската дејност без законски основ, „што претставува прекршување на законската рамка“.

Агенцијата нема организирана и воспоставена единица за внатрешна ревизија, иако тоа е законска обврска. Отсуството на ваква единица, укажува ДЗР, го ограничува капацитетот за внатрешна контрола и подобрување на квалитетот на работењето.

– Во делот на приходите, ревизијата утврди дека се користи стара и неажурирана методологија за утврдување на надоместоците од 2015 година, иако постојат промени во законските акти што ја уредуваат оваа област. Агенцијата донела одлука за определување надоместок за администрирање на филмските проекти доставени по конкурс, но истата нема законски основ и не е во согласност со постојните прописи. Исто така, утврдено е дека Агенцијата не располага со ажурирана евиденција за правните лица од кои треба да остварува приходи врз основа на својата дејност, што влијае на целосноста на финансиското известување. Не се врши ниту навремена изработка на решенија за пресметка на надоместоците, што доведува до задоцнета наплата и неефикасно управување со приходите. Во рамките на внатрешните процеси, не се воспоставени механизми за усогласување помеѓу службата што ги издава решенијата и сметководствената евиденција, што создава ризик од несогласувања во финансиските податоци.

Исто така, ревизијата утврдила дека продуцентите што добиле средства по конкурси, а чии филмови се завршени и имаат премиера, не ја доставуваат комплетната документација за докажување на остварената бруто-добивка од филмските проекти. Агенцијата при тоа не го остварува своето право на учество во добивката во висина од 50 проценти од сопственото финансирање – наведува Државниот завод за ревизија.

Ревизорите известуваат за потребата од доуредување на Законот за филмската дејност за потребните квалификации за именување членови на Филмскиот совет во делот за тоа кои лица се сметаат за истакнати поединци од областа на филмот и на културата, како и за висината на банкарската гаранција што треба да ја обезбедат филмските продуценти.

ИЗДВОЕНИ