
Втората рунда на украинско-руско-американските трилатерални преговори ќе продолжи овие среда и четврток, 4 и 5 февруари, во Абу Даби, како што објави украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во неделата. На социјалната платформа „Икс“, тој ја опиша претстојната средба како „трилатерална“, и покрај претходните изјави на американскиот претседател, Доналд Трамп, и членовите на неговата администрација дека Вашингтон има намера да им даде можност на претставниците на Русија и на Украина да се сретнат лице в лице, без американско посредништво.
По долгото молчење на Кремљ, Дмитриј Песков, прес-секретар на рускиот претседател Владимир Путин, го потврди ова. Според Песков, разговорите првично биле закажани за 1 февруари, но подоцна биле одложени.
– Вториот круг од работата на групата за безбедносни прашања беше закажан за минатата недела, но беше потребна дополнителна координација на распоредот на трите страни – изјави тој.
„Њујорк тајмс“ дознава дека одлуката за преминување и враќање во трилатерален формат е донесена во последен момент, по посетата на рускиот претседателски претставник, Кирил Дмитриев, во Мајами, на 31 јануари и неговите разговори со клучните членови на тимот на Трамп.











