Гостивар ќе стане центар на Коридорот 8 во овој дел на Македонија до почетокот на 2029 година бидејќи ќе има целосно автопатско поврзување и обновена железничка пруга на Коридорот 8. Ова го најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски во Гостивар.

– Имаме одлична динамика на изградба на двата автопата, од Тетово до Гостивар и од Гостивар до Букојчани. Веќе заврши и јавниот повик за изградба на автопатот од Букојчани до Кичево и следува евалуација на понудите. Се очекува во март да почне изградбата и на овој автопат – најави Николоски.

Интензивно се работи на двата патни правци, експропријацијата е речиси завршена, додаде тој.

– Сега се работи на дислокација на водовите, така што имаме два патни правци кои се градат кон Гостивар, едниот е Тетово – Гостивар, другиот Гостивар – Букојчани. И дополнително, тоа што е значајно за мене, е тоа што Гостивар –Букојчани е најтешкиот инженерски потфат кој што се работи во моментов. Од 32 километри, 17 се веќе пробиени. Во март ќе почне да се гради и од делот на Букојчани, така што првпат ќе имаме автопат кој се гради во двете страни и ќе се спои во средина – истакна Николоски.

Тој потсети дека е завршен јавниот повик за изградба на автопатот од Букојчани до Кичево, и во тек е евалуацијата на трите понуди.

– Очекувам во март и таму да имаме работа. Ако на тоа надоврземе дека на Кичево – Охрид пуштивме 34 километри во функција, а работиме и на другите километри, тоа би значело дека некаде кон крајот на 2028 и почетокот на 2029 година, Гостивар ќе стане центар бидејќи ќе има комплетно автопатско поврзување на Коридорот 8, што многу ќе помогне во развојот на трговијата и на економијата – истакна Николоски.

Вицепремиерот најави дека се работи на постапки и за реконструкцијата на железницата од Скопје, преку Гостивар, до Кичево.

– Владата веќе усвои грант кој го додели ЕУ за изработка на претфизибилити студија, физибилити студија, еколошка студија, проектна документација за целосна рехабилитација, електрификација и сигнализација за пругата Скопје –Јегуновце –Тетово – Гостивар – Кичево. Според барањата на ЕУ, целокупната документација ќе се заврши за 18 месеци и се надевам дека во 2027 година ќе имаме избран изведувач кој би работел, а во 2029 година ќе се заврши овој проект. Возовите би сообраќале со брзина од 120 километри на час, што значи дека од Гостивар ќе се патува до Скопје за 40 минути или до Тетово за 20 минути. Тоа целосно ќе ја промени комуникацијата на градот – нагласи Николоски.

ИЗДВОЕНИ