Агенцијата за катастар на недвижности во 2025 година решила вкупно 1.040.137 предмети, што, наведуваат во соопштение, претставува јасен показател за зголемена ефикасност и континуирана посветеност во обезбедувањето квалитетна и навремена услуга. Паралелно со тоа, од Катастарот велат дека целосно се расчистени заостанатите предмети, а сите тековни барања се решаваат навремено, без застој и во законските рокови.

Дополнително, до Секторот за контрола и надзор при Агенцијата за катастар  биле поднесени 577 претставки, од кои 556, односно 96,4 проценти, се целосно обработени и затворени. Во делот на графичкиот регистар на градежно земјиште, примени се 3.878 предмети, од кои 3.863, односно 99,6 проценти, се успешно решени, што укажува на високо ниво на ефикасност и ажурност.

Во 2025 година преку електронскиот систем е-Влада до Агенцијата за катастар се доставени вкупно 416 барања за мислења и се одговорени во целост, со што процентот на реализација на овој вид на барања е 100 проценти. Бројот на нерешени тековни предмети е намален за 47,4%, додека бројот на тековно примени предмети во 2025 година е зголемен за 8% во споредба со 2024 година.

Директорот Иван Живковски најави дека во наредниот период Агенцијата ќе продолжи со интензивна дигитализација, унапредување на услугите и зголемување на транспарентноста.

– Овие резултати се јасен показател за подобрената организација, засилената контрола и зголемената ефикасност во работењето на Агенцијата за катастар на недвижности, со јасна цел – побрзи, поквалитетни и транспарентни услуги за граѓаните – истакна Живковски.

ИЗДВОЕНИ