Во 2024 година имало повеќе вооружени конфликти отколку во која било година по Втората светска војна, објавија во средата истражувачите од организацијата Програма за податоци за конфликти (UCDP) со седиште на Универзитетот во Упсала во Шведска.
Тие нагласуваат дека лани биле регистрирани 61 меѓудржавен конфликт, вклучувајќи 11 војни во кои цивилите биле особено изложени на ризик. Цивилите не биле само колатерална штета, туку и жртви на намерно насочени напади, велат шведските истражувачи.
Речиси 160.000 луѓе ширум светот загинаа минатата година како резултат на организирано насилство, што е петти најголем број жртви од 1989 година, пренесува лондонски Гардијан.
Меѓу 11-те конфликти кои ја исполнуваат дефиницијата за војна се територијалните конфликти како што е сегашниот руско-украински, израелското бомбардирање на Појасот Газа како одговор на нападите на Хамас, израелските акции против Хезболах во јужен Либан, конфликтите со Исламската држава во Нигерија и војната во Етиопија.
Конфликти околу моќта има и во Буркина Фасо, Мјанмар, Пакистан, Сомалија, Судан и Сирија.
„Гледаме повеќе војни и конфликти отколку порано, но со малку помалку смртни случаи отколку во екстремно крвавата 2022 година, иако 2024 година беше четврта најнасилна година од геноцидот во Руанда во 1994 година. Во Појасот Газа, само 2 отсто од загинатите може да се класифицираат како членови на завојуваните страни, додека 48 отсто од настраданите се заведени како цивили“, вели Шон Дејвис, аналитичар во UCDP.
Во 2024 година, 13.900 цивили загинаа во намерно насочени напади, што е за 31 отсто повеќе отколку во 2023 година.
Терористичката група Исламска држава е одговорна за најголемиот број од овие смртни случаи, околу 3.800, главно во Демократска Република Конго.