Во пресрет на новогодишните и на божикните празници, Општина Битола објави оглас за прибирање понуди за користење типизирани куќарки за продажба на храна, пијалаци и на други производи кај Офицерскиот дом, и тоа за периодот од 20.12.2025 до 7.01.2026 година.
Станува збор за 13 куќарки, од кои девет се со површина од 6 квадратни метри и четири со површина од 4 квадратни метри. Почетната цена за издавање урбана опрема е 18.000 денари, во која се содржани трошоците за комунална такса, одржување на хигиената, приклучок и за електрична енергија.
Закупецот е обврзан да го плати целиот износ од договорениот надоместок за закуп во рок од осум дена од денот на склучувањето на договорот, да ја одржува урбаната опрема што ја закупил и по завршувањето на договорот за закуп, да му ја предаде на закуподавачот во состојба каква што ја презел од него. Потоа, да овозможи непречен увид на урбаната опрема од страна на закуподавачот во секое време, со или без претходна најава за тоа, да ја ограничи потрошувачката на електрична енергија во закупената урбана опрема до 3 KW/h, грејните тела да користат други алтернативни горива, да користи плин како гориво при употреба на кујнски апарати (скара, рерна и сл.). Забрането е користење дрва, ќумур или други видови како гориво.
Исто така, закупецот треба на видно место од закупената урбана опрема да го истакне називот на правното лице, како и ценовникот за давање на угостителските услуги, кој не смее да биде со димензии помали од 60 x 40 сантиметри, треба да користи одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовинското плаќање за да може да издава сметки за извршениот промет, односно услугата, согласно со Законот за регистрирање на готовинско плаќање и да ги почитува сите обврски што ги презел со договорот за закуп.












