Внимавајте, туристичката такса за Грција може да ја платите двапати!

Пред да одите на одмор во Грција проверете дали ви е платена туристичката такса за да не ја плаќате двапати. И покрај тоа што вообичаено оваа такса се плаќа на лице место, односно при пријавување или одјавување во апартманот или хотелот, некои туристички агенции ја наплатуваат заедно со аранжманот. Поради тоа, од агенциите препорачуваат да проверите дали таксата е вклучен во вкупната цена за да знаете дали сте ја платиле или не. Ако ви е платена, а во Грција ви побараат повторно да ја платите треба да ја покажете само платената фактура на која стои и износот на платената туристичка такса

502

Ако патувате во Грција на летен одмор и уплатувате аранжман преку туристичка агенција, освен цената на аранжманот на фактурата може да ви биде пресметана и туристичката такса. И покрај тоа што оваа такса се наплатува на лице место, односно во хотелот или апартманот, некои туристички агенции истата ја наплатуваат заедно со цената на аранжманот. Така доколку на фактурата стои посебна ставка туристичка такса, граѓаните да знаат дека тоа е истата таа такса што ја плаќаат во објектот при пријавување или одјавување. Со оглед на тоа што во овој период многу граѓани уплатуваат аранжмани за летување во Грција ова ќе им биде дополнителен трошок и покрај тоа што им е планиран во летниот буџет.

– Тоа е истата такса која минатата година изнесуваше 1,5 евра на ден, а сега е зголемена на 2 евра на ден. Оваа такса обично се плаќа на самото место на сопственикот на апартманот или на рецепција, односно во самиот објект каде што ќе престојувате. Но, има исклучоци некои туристички агенции истата ја наплатуваат заедно со аранжманот. Има само една туристичка такса, разликата е само во тоа дали истата се плаќа веднаш или откако ќе пристигнете во апартманот или хотелот, објаснуваат од една туристичка агенција.

Оттаму велат дека туристичката такса се наплатува во зависност од видот на сместувањето и времето од годината. Таа е повисока за време на главната туристичка сезона, а се наплатува по соба или сместувачка единица, без разлика на бројот на лица кои престојуваат.

Од агенциите појаснуваат дека оние кои ја платиле туристичката такса заедно со аранжманот немаат обврска таму да ја плаќаат повторно.

-Таа е истата туристичка такса, која се плаќа последниве 20 години во Европа. Грција оваа такса ја зголемува неколку пати по ред. Ја зголеми пред две години, лани и оваа година и тоа можеби создаде забуна кај граѓаните. Но, оваа такса нашата агенција не ја наплатува сега, туку откако клиентите ќе пристигнат во Грција. Ние работиме со хотели и кај нас таква е практиката, односно таксата се плаќа исклучиво на лице место, велат од друга туристичка агенција.

Како и да е оваа такса, која го заменува сегашниот данок на престој, треба да ја вклучите во вашиот буџет за годишен одмор.

Износот на таксата зависи од видот на сместување и времето од годината. Во текот на главната туристичка сезона од април до октомври, данокот се наплаќа по ноќевање и изнесува 2 евра за хотели со 1-2 ѕвезди, за хотели со 3 ѕвезди – 5 евра, хотели со 4 ѕвездички – 10 евра, хотели со 5 ѕвездички – 15 евра. За апартмани и соби 8 евра. За престој во куќи и вили поголеми од 80 метри квадратни се наплатува по 10 евра дневно.

Вонсезона, односно од ноември до март, овие износи се значително пониски и за хотели се движат од 0,50 евра до 4 евра дневно, во апартмани и соби по пола евро, додека за куќи и вили таксата е 4 евра на ден

Од агенциите препорачуваат пред да тргнете на одмор да проверите дали таксата е вклучен во вкупната цена за да знаете дали сте ја платиле или не. Доколку ви е платена, а во Грција ви побараат повторно да ја платите треба да ја покажете само платената фактура на која стои и износот на платената туристичка такса.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ