“Внимавајте што пишувате на интернет“ – ги предупреди Стејт департментот странците по убиството на Кирк

381

Американскиот Стејт департмент ги предупреди странските државјани дека би можеле да се соочат со последици ако го оправдуваат насилството преку интернет по убиството на истакнатиот конзервативен активист Чарли Кирк и бранот дезинформации што следеше.

„Во светлината на ужасниот атентат врз водечка политичка фигура, сакам да нагласам дека странците кои го величаат насилството и омразата не се добредојдени посетители во нашата земја“, изјави заменик-државниот секретар Кристофер Ландау на X.

Иако не го спомена Кирк по име, тој нагласи дека е „згрозен“ од обидите на некои корисници на социјалните медиуми да го оправдаат или минимизираат нападот и објави дека конзуларните служби добиле инструкции да преземат мерки, но не прецизираше каква акција.

Ландау ги повика луѓето да ги пријавуваат проблематичните коментари од странци директно до него, за да може, како што рече, Стејт департментот „да го заштити американскиот народ“.

Кирк, еден од најистакнатите поддржувачи на Доналд Трамп, беше застрелан во вратот за време на настан на отворено на кампусот на Универзитетот Јута Вали и почина кратко потоа. Потрагата по убиецот е во тек, а ФБИ објави фотографии од „лице од интерес“ кое носи црна кошула со долги ракави, капа и темни очила. Истражителите потврдија дека е пронајдена снајперска пушка за која се верува дека е употребена во нападот.

Интернетот беше преплавен со теории на заговор и дезинформации по атентатот. На социјалните мрежи се појавија лажни тврдења за идентитетот на напаѓачите, дури и објави со вистински наслови, но со изменети временски ознаки, со обвинувања дека медиумите однапред знаеле за нападот.

Една жртва на вакви лажни обвинувања беше 77-годишниот Канаѓанец Мајкл Малинсон, пензионер кој за АФП изјави дека бил неправедно етикетиран како убиец на X.

„Тоа е мојата слика, тоа е моето име, но тоа не сум јас и навистина не знам што да правам“, рече тој, изразувајќи страв од „долгорочни последици“ бидејќи, како што додаде, „тие работи остануваат на социјалните мрежи засекогаш“.

ИЗДВОЕНИ