Mетални остатоци од сообраќајни знаци (метални сопки), претставуваат пречка за нормално движење на пешаците и на велосипедистите на тротоарот на улицата „Манапо“, која се наоѓа покрај трговскиот центар „Сити мол“.

Скопјанец реагира дека во должина од приближно 100 метри има осум вакви сопки. Но, додава дека слични метални остатоци од пресечени сообраќајни знаци има и во многу други улици во градот Скопје.

– При одење луѓето гледаат напред, не се постојано наведнати надолу, така што овие метални сопки понекогаш не ги забележуваат. Особено е опасно ноќе ако има слабо улично осветлување. Сопнувања на вакви метални остатоци од сообраќајни знаци може да бидат опасни за минувачите бидејќи може да дојде до пад и предизвикување на повреди. Ова е особено опасно за постари луѓе. Но, има и друг вид на последица која што чини пари. И кај старите и кај младите луѓе при сопнување се оштетуваат чевли или патики, а тие денес не се евтини – реагира жител.

Тој додава дека треба да се преземат мерки за отстранување на овие метални остатоци од сообраќајните знаци со стругање или на друг начин, така што да бидат на исто ниво со површината на тротоарот.

– Тоа не се големи зафати, но треба да ги направат општините (или градот) надлежни за соодветните улици. Во иднина, при реконструкции на улиците, надзорните органи треба да си ја вршат својата работа како што треба. Кога зборуваме за гордост кај луѓето велиме „главата горе“, ама во градот Скопје тоа е опасно, се препорачува „главата доле“ – потенцира жителот на Скопје.

На ова реагираат и од групата велосипедисти „На точак“ кои велат дека во Скопје навистина не може да се оди или да се вози велосипед со погледот право, туку мораш постојано да гледаш долу, внимавајќи на вакви и слични пречки.

-Дали биле отстранети сообраќајни знаци или билборди при реконструкција, или пак се оштетиле столпчињата и не се замениле – улиците ни се преполни со вакви метални и други сопки. Отстранете ги – порачуваат од „На точак“.

 (А.П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ