Многу европски земји веќе воведоа казни за пушење! Во Италија, Франција, Белгија, Велика Британија, Австрија и Грција, пушењето во возило со деца или бремени жени е забрането, додека казните се движат од 85 евра на Кипар до 1.500 евра во Грција, па дури и до 5.000 евра во Италија за посериозни случаи.
Германските покраини, исто така, предложија законски ограничувања.
Доколку се усвои предлог-законот од Северна Рајна-Вестфалија и Долна Саксонија, возачите кои палат цигара во присуство на деца или бремени жени во возилото би можеле да се соочат со казни од 500 до 3.000 евра.
Неколку германски покраини ги рестартираат своите иницијативи за построга заштита на непушачите во автомобилите. Северна Рајна-Вестфалија и Долна Саксонија ќе поднесат закон до Федералниот совет на 26 септември 2025 година, со кој би се проширил Федералниот закон за заштита на непушачите.
Целта на предлогот е да се заштитат малолетниците и бремените жени од пасивно пушење, бидејќи според иницијаторите, повикувањето на возрасните доброволно да се однесуваат претпазливо покажало лоши резултати.
Последиците врз здравјето, како што се оштетување на белите дробови, зголемен ризик од рак и развојни нарушувања, особено ги погодуваат најмладите. Според податоците од Германскиот центар за истражување на ракот во Хајделберг, околу милион деца во таа земја редовно вдишуваат чад од тутун во автомобилите. Експертите истакнуваат дека концентрациите на штетни супстанции во затворениот простор на возилата, по само една цигара, се многу пати повисоки од оние во зачадените ресторани.
Претходните обиди за воведување забрана не вродија со плод – предлозите од 2019, 2022 и 2023 година не добија конечна политичка поддршка. Сега се очекува Бундестагот да одлучи дали законот конечно ќе биде усвоен.