По информацијата дека популарните играчки Лабубу се повлекуваат од продавниците низ Европа поради опасните материи што ги содржат, кај нас нема информација дали има такви примероци на рафтовите од продавниците за детски играчки. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, објасни дека сè уште чекаат инструкции од Европската комисија како да постапат, бидејќи Македонија не е во европскиот систем за брза размена на информации за опасни производи RAPEX. Лекарите, посочуваат дека овие играчки, освен опасноста од материјалот од кој се направени, имаат и метален прстен што лесно се одвојува, што е особено опасно за малите деца

 

Појавените фалсификати на најпопуларните кукли во светот – Лабубу, кои се хит не само кај децата туку и кај возрасните, се повлекуваат од европските продавници откако беа прогласени за небезбедни за децата. Кај нас сè уште нема таква информација и затоа предизвикаа загриженост кај родителите.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, објасни дека сè уште чекаат инструкции од Европската комисија како да постапат, бидејќи Македонија не е во европскиот систем за брза размена на информации за опасни производи RAPEX.

– Во тек сме, планирам во неделниот план целосно да се провери ситуацијата за да излеземе со координирана акција. Потребни се само инструкции и обука на инспекторите за тоа што точно да се проверува кај играчките, кои претпоставувам дека ги има и кај нас – изјави Стојкоски за весникот ВЕЧЕР.      

Докторите апелираат до родителите да бидат многу внимателни кога избираат играчки за своите деца. Доктор Валентина Митрова, специјалист по семејна медицина, за весникот ВЕЧЕР вели дека телото на играчката е изработено од пластичен материјал кој може да предизвика алергиски реакции. Посочува дека овие играчки, освен отровните материи од кои се направени, имаат дополнителна опасност – метален прстен што лесно се вади и е опасен за помалите деца, кои обично ги ставаат куклите во уста.

– Самиот метал, поради штетните хемикалии во својот состав, може да предизвика алергиска реакција. При играњето, малите деца ги ставаат играчките во уста, па металниот прстен, кој лесно може да се одвои, може да го голтнат и да дојде до нивно задушување – објаснува Митрова.

Во соопштението на RAPEX се наведува дека тие се во измерени вредности од 0,02 % и 1,64 % по тежина.

– Тоа, исто така, може да доведе до алергиски реакции со исипување и црвенило. Меѓутоа, подолгата изложеност може да има негативно влијание врз репродуктивното здравје на децата – тврди Митрова.

Таа додава дека, според ваквите сознанија, овие кукли не ги исполнуваат европските стандарди за безбедност на играчките, поради што е донесена наредба за нивно итно повлекување.

Наташа Доковска, проектен директор во „Новинари за човекови права“, вели дека во Македонија има само фалц-играчки, бидејќи оригиналните кукли Лабубу се многу скапи, лимитирани и колекционерски изданија што се продаваат само преку официјални канали.

– За жал, на пазарот се појавуваат пиратски копии, кои на прв поглед изгледаат исто, но во реалноста се потенцијално опасни за здравјето и за животната средина. Овие фалсификувани фигури најчесто се произведуваат од евтина пластика и непроверени хемиски материјали, меѓу кои има фталати, формалдехид и тешки метали. Овие токсични супстанции се забранети во производството на сертифицирани играчки, бидејќи може да предизвикаат оштетувања на кожата, хормонално нарушување, па дури и канцерогени ефекти, особено кај децата – потенцира Доковска.

Таа додава дека за разлика од нив, оригиналните Лабубу се направени од сертифицирани материјали без штетни материи и имаат CE-ознака, што значи дека се тестирани според европските стандарди за безбедност на играчки, не содржат токсини и не претставуваат ризик при употребата.

– Важно е да се разбере дека кога е повлечен некој производ од европскиот пазар, тоа значи дека е идентификуван како опасен за здравјето или за околината. Европската Унија, преку системот EU Safety Gate, редовно ги објавува овие случаи за да ги заштити потрошувачите. Производите што се повлечени не смеат да се продаваат, увезуваат или дистрибуираат во земјите членки, бидејќи претставуваат ризик за јавната безбедност – децидна е Доковска.

Таа апелира до граѓаните да внимаваат при купувањето и да не се водат само според ниската цена или моменталниот тренд.

– Фалсификатите не се само копии – тие се закана за здравјето и за безбедноста на децата и на потрошувачите. Купувањето оригинални, сертифицирани производи е одговорен избор што ги штити и заедницата и животната средина – заклучи Доковска.

Според RAPEX, Лабубу не ги исполнуваат европските стандарди за безбедност на играчките, ниту, пак, одредбите од ЕУ-директивата што ги регулира овие производи.

Инаку, Лабубу се мали кукли-суштества што изгледаат како чудовишта, а се создадени во 2015 година, од уметникот од Хонг Конг, Касинг Лунг. Откако стапил во соработка со синџирот продавници „Поп март“, била создадена серија играчки наречени „Чудовиштата“. Малите суштества што ги создал Лунг за своите приказни се инспирирани од нордиската митологија, па оттука и нивниот специфичен изглед. Играчките се произведени во Кина, а копијата на конкретниот модел Лабубу „Have a Seat“ е препознаен како ризичен предмет и предмет за итно повлекување од пазарот.

(А. П.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ