Светската здравствена организација (СЗО) упати итен апел за преземање мерки за спречување на повторување на епидемијата на вирусот чикунгуња, кој се пренесува преку комарци, а го зафати светот пред две децении.
Нови бранови на инфекции што се пренесуваат преку комарци поврзани со Индискиот Океан сега се шират во Европа и на други континенти, пишува „Ројтерс“.
- Проценките покажуваат дека околу 5,6 милијарди луѓе живеат во области низ 119 земји кои се изложени на ризик од вирусот, кој може да предизвика висока температура, болки во зглобовите и долгорочни здравствени последици, изјави д-р Дијана Рохас Алварез, медицински службеник на СЗО.
- Гледаме како историјата се повторува, рече Рохас Алварез, споредувајќи ја со епидемијата од 2004 и 2005 година, која погоди речиси половина милион луѓе, претежно во мали островски територии, пред да се прошири низ целиот свет.
Се проценува дека една третина од населението на островот Реунион е веќе заразено, рече Рохас Алварез. Вирусот сега се шири во земји како Мадагаскар, Сомалија и Кенија, а епидемиско ширење е регистрирано и во Југоисточна Азија, вклучувајќи ја и Индија.
Особено загрижувачки се зголемениот број на увезени случаи и неодамнешното локално пренесување во Европа.
- Од 1 мај, околу 800 увезени случаи на чикунгунија се регистрирани во Франција, рече Рохас Алварез.
Чикунгуња, за која не постои специфичен третман, се пренесува главно преку комарци од родот Aedes, вклучувајќи го и „тигрестиот комарец“, кој исто така пренесува денга и вируси Зика.