ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа, СДСМ се жали за нерегуларности

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ прогласија победа во првиот круг во Кисела Вода, Охрид, Радовиш, Берово, Ѓорче Петров, Гази Баба, Пехчево, Делчево, Прилеп, Битола, Гевгелија, Сопиште, Штип, Велес, Бутел, Аеродром, Јегуновце, Вевчани, како и во бастионот на СДСМ изминатите 20 години – Струмица. Од опозицискиот СДСМ, пак, обвинија за бројни нерегуларности и најавија победи во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново-Облешево, Кривогаштани и во Богданци, тесна битка во Неготино, Валандово, Македонска Каменица, Ранковце и во Лозово и водство во Дојран, каде што очекува втор круг. Изет Меџити вечерва слави победа во Чаир, додека ДУИ прогласи избрани градоначалници во Липково и во Пласница

150

Победа во повеќе градови уште во првиот изборен круг на осмите локални избори прогласи ВМРО-ДПМНЕ, еден и пол час по затворањето на гласачките места. Прво, членот на Извршниот комитет на партијата, Антонио Милошоски, а потоа и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, повикувајќи се на прелиминарни резултати од Аналитичкиот центар на партијата, соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата уште во првиот круг од изборите добиле градоначалници во поголемиот дел од општините.

– ВМРО-ДПМНЕ е на прагот на огромна победа. Разликата е некаде 3:1, има општини каде што е 6:1, 7:1, а има општини каде што е 10:1. Во некои општини, СДСМ е трета партија. Досега веќе се одбраа градоначалници во Кисела Вода,  Охрид, Радовиш, Берово, Ѓорче Петров, Гази Баба, Пехчево, Делчево, Прилеп, Битола, Гевгелија, Сопиште, Штип, Велес, Бутел, Аеродром, Јегуновце, Вевчани и на многу други места. На прагот сме на убедлива победа во Струмица. Орце води убедливо – изјави Мисајловски на прес-конференција.

Тој порача дека разликата е толку убедливо огромна што нема простор за оправдание на СДСМ за неговиот дебакл, а изворот за причините да си го бараат во сопствените редови.

– Што се однесува за ДУИ, очигледно дека е декласирана, Али ќе има време да си го анализира својот пораз – рече Мисајловски.

Милошоски, пак, потенцираше дека првпат по 20 години ВМРО-ДПМНЕ ќе добие градоначалник во Струмица.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, на прес-конференција веднаш по затворањето на гласачките места, изјави дека неговата партија и коалицијата се на прагот на голема победа и дека Македонија имала мирни и успешни избори, кои ги задоволуваат највисоките критериуми за демократски изборен процес.

– Можеби, најпримерните и најмирни избори во нашата понова историја. За тоа заслугата ја имаат, пред сè, граѓаните на Македонија. Им благодариме на сите граѓани за нивниот одѕив, за нивната решителност и за континуираната желба да ги наградат работата, проектите, да бидат на вистинската страна. Очекуваме одличен изборен резултат и огромна победа, која ќе биде прослава на волјата на граѓаните, но и порака до сите оние што ја влечат на дното на погрешната страна, во целосна безидејност, без концепт и без визија. Македонија одлучи денес да стави крај на тоа – рече Муцунски.

Во однос на обвинувањата за нерегуларности, Муцунски истакна дека нивните политички противници бараат алиби за изборниот пораз.

– Некои информации што говорат за извесни нерегуларности и обвинувања, кои треба да фрлат дамка на изборниот процес, ги гледаме како стратегија на СДСМ и на нашите политички противници за барање алиби за изборниот пораз, кој, очигледно, следува. Тоа е партија со многу проблеми, кои во периодот што следува ќе бидат нејзин главен камен на сопнување и очекувано е таа партија, конечно, да почне да се реформира. Но, сакаме да ве увериме дека победата ќе биде чиста и јасна. И тоа, за нас, значи одговорност, која не смееме да ја изневериме – рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

Од опозицискиот СДСМ, пак, обвинија за бројни нерегуларности и најавија дека правниот тим на партијата подготвува соодветни пријави и поднесоци до надлежните институции. Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференцијата по затворањето на гласачките места, изјави дека генерално имало мирен ден, но констатирале бројни прекршувања на избирачкиот процес, злоупотреба на избирачкиот список, обиди за изборен поткуп, директни закани и уцени, кршење на изборниот молк преку агитирање, како и нерегуларности при самото  гласање и побара ДИК и надлежните институции да реагираат во однос на ваквите изборни неправилности. И СДСМ најави победа во седум општини и тесна битка уште во неколку.

– Од досегашните резултати што ги имаме, водиме и очекуваме победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново-Облешево, Кривогаштани и во Богданци, тесна битка во Неготино, Валандово, Македонска Каменица, Ранковце и во Лозово, водиме и во Дојран, каде што, најверојатно, ќе има втор круг. Со задоволство констатирам дека во секоја општинска организација имаме подобар резултат во споредба со минатата година – рече Димитријевиќ.

Меџити слави во Чаир

И од владејачката партија во албанскиот политички блок истакнаа дека процесот на гласање за локалните избори се одвивал мирно и уредно во сите општини на земјата, без поголеми неправилности. Оттаму порачаа дека според неофицијалните резултати, кандидатите на „Вреди“ се во водство пред оние на ДУИ, а Изет Меџити објави победа уште во првиот круг, пред Бујар Османи во Чаир. Во Чаир,вечерва владее славеничка атмосфера. Во своето обраќање, Меџити упати и директен повик за оставка до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оценувајќи дека „гласот на Албанците го испратил во политичка пензија“. „Вреди“ прогласи победа и во Тетово.

-Тука сме во Чаир да ја прогласиме убедливата победа уште во првиот круг. Им се заблагодарувам на сите гласачи. Битката беше за легитимитет. Тие сакаа да се мериме во Чаир и во Тетово. Таму е убедлива нашата победа. ВЛЕН е легитимен и е победник на овие избори, рече Меџити.

Демократската унија за интеграција прогласи победа уште во првиот круг во две општини. Арбер Адеми соопшти дека Липково и Пласница добиле градоначалници од редовите на ДУИ.

– Со победа во првиот круг избори во Липково е завршен изборниот процес и без втор круг, Еркан Арифи победи со сооднос 3:1. Исто така, изборите завршија во Пласница, каде што нашиот кандидат ја заокружи целосно победата со сооднос 2:1 со противкандидатот, кој доаѓаше од Турската демократска партија – изјави Адеми.

Кондарко: Неизвесни три општини

Паралелно со ова, ДИК вечерва почна да ги објавува резултатите во општините, кои не беа конечни. Така, до затворањето на весникот, според пребројувањето направено синоќа до 21:50 часот, од обработени 51,48 проценти од гласовите, коалицијата ВМРО-ДПМНЕ водеше во 54 општини, и тоа: Аеродром, Берово, Битола, Бутел, Босилово, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Виница, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Дебрца, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Дојран, Долнени, Зелениково, Илинден, Јегуновце,  Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кисела Вода, Кичево, Конче, Кочани, Кратово, Кривогаштани, Маврово и Ростуше, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Чашка, Чучер Сандево и Штип.

Коалицијата предводена од СДСМ водеше во осум општини: Богданци, Зрновци, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Лозово, Центар, Чешиново-Облешево. Коалицијата „Вреди“, пак, водеше во седум општини: Арачиново, Боговиње, Брвеница, Дебар, Теарце, Тетово и Чаир, додека коалицијата НАИ во шест: Сарај, Врапчиште, Гостивар, Желино, Липково, Пласница. Во Куманово водеше кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, а водство во Центар Жупа имаше Демократската партија на Турците. Унијата на Роми водеше во Шуто Оризари, граѓанската иницијатива „Менди Ќура“ водеше во Струга, а граѓанската иницијатива „Азем Садики“ во Студеничани.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека излезноста на гласачите на локалните избори до 18:30 часот, на ниво на државата, била 46,46 проценти. Процентот е изведен од 3.380 обработени избирачки места, што е 97,96 отсто од нивниот вкупен број. Од вкупно 1.832.415 запишани избирачи на овие избирачки места, правото на глас до 18:30 часот го оствариле 833.670 граѓани.

Најмала излезност има во Центар Жупа (21,30 отсто), Врапчиште со 24,41 отсто и Маврово-Ростуше со 28,58 отсто.

– Центар Жупа, Маврово-Ростуше и Врапчиште имаат помалку од една третина излезност од вкупниот број запишани избирачи во избирачкиот список во конкретните општини. Согласно со Изборниот законик, за избран кандидат во првиот круг од гласањето за градоначалник се смета оној кандидат што добил мнозинство од гласовите од граѓаните што излегле да гласаат под услов да излегле да гласаат најмалку една третина од гласачите. Доколку во првиот круг не излезат повеќе од една третина од запишаните избирачи, целата изборна постапка се повторува во рок од 60 дена – информира претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

На ниво на Град Скопје, како што информира Кондарко, до 18:30 часот излезноста беше 46,64 проценти. Најголема излезност од општините на територијата на Град Скопје имаше во Сарај (55,20 отсто), следуваат Чаир со 51,47 отсто, Карпош со 49,92 отсто, Бутел со 49,71 отсто и Центар со 49,26 проценти. Од скопските општини, најмала беше излезноста во Шуто Оризари (35,33 отсто).

 

 

 

ИЗДВОЕНИ