Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, свечено им ги врачи сертификатите на учесниците кои успешно ги завршија двете специјализирани обуки – Project Management и Energy Trading, реализирани со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).

Преку овие програми, повеќе од 90 експерти од енергетскиот сектор стекнаа нови знаења и практични вештини во областа на управувањето со проекти, тргувањето со електрична енергија и оптимизацијата на цените – компетенции кои се клучни за понатамошниот развој на модерниот и конкурентен енергетски пазар.

Божиновска истакна дека инвестицијата во знаење е најсилната инвестиција што може да ја направиме – не само во институциите, туку и во заедничката иднина.

– Секое ново стекнато знаење, секоја нова вештина, значи посилен систем, посигурен енергетски пазар и поголема отпорност на предизвиците што ги носи транзицијата кон одржлива енергија – рече министерката Божиновска.

Таа додаде дека обуките што ги поддржа ЕБРД се доказ дека вложувањето во луѓето е предуслов за стабилен и модерен енергетски сектор, нагласувајќи дека Министерството ќе продолжи со создавање можности за стручно усовршување и развој на домашните кадри.

– Ќе продолжиме да инвестираме во знаењето, затоа што само така можеме да создадеме систем кој не зависи од поединци, туку од заеднички развиени капацитети, визија и професионализам – порача министерката.

ИЗДВОЕНИ