Македонскиот музичар и еден од најпочитуваните гитаристи во регионот, Влатко Стефановски, се сретна со кралот Чарлс Трети во Лондон, на кого му го подари својот албум „Лондонски сесии“ (London Sessions). Стефановски беше на прием во палатата „Сент Џејмс“ во вторникот како дел од делегацијата на Македонија, која ја сочинуваа и реномираниот македонски режисер Милчо Манчевски, универзитетската професорка Виолета Симјановска, менаџерот Логин Кочишки, коосновачот на студиото ФХ3Х Миливое Ѓорѓевиќ-Мишко. Примот во Лондон беше на маргините на Самитот за Западен Балкан кој е дел од Берлинскиот процес, а на кој присуствуваа и премиери на земји од регионот, меѓу кои нашиот премиер Христијан Мицкоски со неколку министри.

Албумот „Лондонски сесии“, кој сега има можност да го чуе и британскиот крал, е во издание на „Кроација рекордс“ (Croatia Records), а е снимен во познатото лондонско „Аби роуд студио“ минатата година. На албумот, покрај Стефановски, свират и неговиот син Јан Стефановски, на тапани, и Тихомир Хојсак, на електричен контрабас.

„Музиката на Влатко Стефановски, снимена на легендарната ’Abbey Road’, сега ќе одекнува и во кралските комори. Горди сме што нашиот уметник имаше можност да му ги претстави својата работа и музиката од нашиот регион на британскиот крал“, објавија од „Кроација рекордс“.

Деновиве Стефановски е и на турнеја низ Босна и Херцеговина, настапувајќи во Бијелина, Сараево, Мостар и Зеница. На концертите, тој ќе ѝ претстави на публиката интимен пресек од својата 50-годишна кариера.

Тој во Бијелина настапува на 24 октомври, во Сараево на 25 октомври, во Мостар на 26 октомври и во Зеница на 27 октомври. На концертите ќе му се придружат специјални гости: Дамир Имери, Јан Стефановски и Иван Кукиќ, што дополнително ќе го збогати ова музичко искуство.

„Ова е пресек од мојата кариера и сè што сум направил во последните 50 години. Ќе ги отсвирам некои од најважните моменти, она што публиката го очекува од мене, а гостите ќе ми се придружат. Задоволство е да се свири со нив. Уживам да бидам на сцената, да бидам со врвни музичари и пријатели и пред феноменална публика, адреналинот е незаменлив!“, вели Стефановски.

Дополнително, додава: „Сè уште се обидувам да се изненадам себеси на сцената, тоа е мојата највисока цел. По толку години свирење не е лесно бидејќи има утабани патеки, има ’безбедно свирење’. Но, голем успех е кога ќе извлечеш нешто од себе што претходно не можеше. Ме водат енергијата на бендот и фактот дека музиката е како океан – не можеш да пливаш преку него, не можеш да знаеш сè за него“.

Музичарот најавува и нов албум, чиј процес на создавање траел три години.

„Завршувам нов албум. Ми недостасува уште една песна, па ќе почнеме да миксаме. Процесот на создавање на овој албум траеше три години. Не брзам. Кога ќе стигнете до оваа возраст со ова искуство, амбицијата што ја имате да постигнете успех по секоја цена полека ве напушта. Сакам да го направам она што ми лежи длабоко во душата и да го соопштам на публиката“, вели Стефановски.

Како што е познато, Стефановски гитара почнал да свири уште во средношколските денови, а стана познат како основач и вокал на култниот македонски бенд „Леб и сол“, со кој сними десетина албуми и настапуваше на најголемите светски сцени. Откако бендот се распадна, тој разви богата соло кариера и соработуваше со врвни светски музичари, меѓу кои Мирослав Тадиќ, Јан Акерман, Томи Емануел и Стохел Розенберг, како и со Лондонскиот симфониски оркестар.

ИЗДВОЕНИ