четврток, јануари 29, 2026
Дома МАГАЗИН Влатко Стефановски – добитник на хрватската музичка награда „Порин“

Влатко Стефановски – добитник на хрватската музичка награда „Порин“

190

Долгогодишен ексклузивец на загрепската „Кроација-рекордс“ (поранешен „Југотон“)

„Порин“ е хрватска музичка награда која секоја година им се доделува на музичари кои во претходните 365 дена создале дела од важност на естрадната сцена во таа земја. Овој пат, македонскиот гитарист и композитор, Влатко Стефановски, е добитник на таа награда за придонесот во хрватската музика. Тој е воедно и ексклузивец на хрватската издавачка куќа „Кроација-рекордс“ (поранешниот „Југотон“).

Во образложението се наведува дека Стефановски е „уметник чие творештво ги надминува националните граници, а неговиот музички јазик, авторитетот и креативната доследност оставиле длабока трага преку бројни соработки, меѓу кои значајно место зазема токму Хрватска“.

„Во текот на својата повеќедецениска кариера, Стефановски изгради препознатлив и автентичен израз во кој органски се спојуваат етно-џез, инструментален рок, џез-фјужн и блуз, силно обоени со традиционалните македонски ритми. Токму овој уникатен спој го вбројува меѓу симболите на македонската музичка култура и меѓу најценетите гитаристи на меѓународната сцена“, велат од организацијата. Музичкото патешествие на Стефановски започнува во Скопје, во далечната 1965 година, кога како осумгодишно дете добива акустична гитара на подарок. Посебен интерес за гитарата покажа во гимназиските денови. Почнува да свири, да создава музика. Тогаш си формира свој бенд, „Леб и сол“, кој по завршувањето на гимназијата станува сериозен состав. Од 1978 до 1991 година, бендот објавува 13 албуми. Посебно се издвојува „Live in New York“, снимен во 1991 година, во легендарниот клуб „CBGB“, како и „Live in Macedonia“, објавен по повторното обединување на групата во 2006 година, по повод 30-годишнината од нивното постоење.

Сепак, „Леб и сол“ се распаѓа, па Стефановски продолжува со соло-кариерата, со авторска музика, како и со музиката за филм и театар. Соработува со многу познати имиња: Џон Меклафлин, Алан Холсворт, Оливер Драгојевиќ, Ману Каче, Џибони, Пино Паладино, Тони Левин, Мирослав Тадиќ, Теодосиј Спасов, Арсен и Матија Дедиќ, Здравко Чолиќ, како и со Загрепската филхармонија. Често настапува во Хрватска.

Во едно од скорешните интервјуа, Стефановски откри за себе дека откако, за жал, неговата сопруга почина, тој навикнал да функционира сам и покрај големиот број пријатели. Има и неколку неостварени желби, главно, врзани за кариерата. Сè уште копнее да свири во париска „Олимпија“, а во која низ годините, имавме можност да ги следиме концертите на нашите (од ексјугословенските простори): Есма Реџепова, Тереза Кесовија, Оливера Катарина, Драган Стојниќ, Оливер Драгојевиќ.   (Д. М.)

ИЗДВОЕНИ