Властите на Иран го отфрлија најновиот предлог за прекин на огнот во војната со САД и Израел и побараа траен прекин на непријателствата, објави иранската државна агенција ИРНА.
Според агенцијата, Техеран го испратил својот одговор до Вашингтон преку Пакистан, клучниот посредник меѓу завојуваните страни.
Регионален функционер запознаен со разговорите за посредништво, сепак, тврди дека напорите за постигнување примирје продолжуваат.
„Прифаќаме крај на војната само ако има гаранции дека нема повторно да бидеме нападнати“, изјави денес за „АП“ Моџтаба Фердуси Пур, шеф на иранската дипломатска мисија во Каиро.
Според него, Иран повеќе не ѝ верува на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, бидејќи САД двапати ја нападнаа Исламската Република за време на претходните рунди преговори.
„Белата куќа ја уби преговарачката маса“, рече Фердуси Пур.
И покрај ова, регионален функционер запознаен со разговорите тврди дека напорите за постигнување примирје не пропаднале.
„Сè уште разговараме со двете страни“, рече функционерот, кој побара да не биде именуван поради чувствителноста на дипломатијата зад затворени врати.
Фердуси Пур рече дека иранските и оманските функционери работат на механизам за управување со Ормутскиот теснец, низ кој поминува една петтина од светската нафта. Потиснувањето на поморскиот сообраќај низ теснецот од страна на Иран по нападот на САД и Израел на 28 февруари ја потресе светската економија.
Техеран одбива да им дозволи на американските и израелските бродови да поминат откако двете земји војуваа со Иран.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаел Багаеи, оцени дека „непријателот мора да се покае за своите постапки“ за да заврши војната, објавија иранските медиуми.
„Иран бара крај на наметнатата војна, со гаранција дека овој штетен циклус нема да се повтори“, рече Багаеи, додавајќи дека гаранцијата е дефинирана како „да се покае непријателот за своите постапки до степен до кој никогаш повеќе нема да се осмели да го наруши интегритетот на Иран“.
„Прекинот на огнот е краток период дизајниран да му овозможи на непријателот повторно да се реорганизира и да изврши злосторства. Ниедна разумна личност не би го прифатила тоа“, им рече тој на новинарите.
Обединетите нации се „инструмент во рацете на Соединетите Американски Држави и одредени други сили“, рече Багаеи, пренесува „Бета“.












