Европската комисија ѝ даде црвен картон на Македонија за напредокот во животната средина. Во извештајот на Европската комисија 2025, за делот од поглавјето 27 „Животна средина и климатска акција“, се посочува на алармантна состојба, буквално во сите области.
– И покрај тоа што заштитата на животната средина претставува човеково право и е гарантирана со Уставот и со законите на Република Македонија, државата сè уште не може да го унапреди остварувањето на човековите права во оваа област. Македонија јасно ги покажува слабостите на системот и недостигот на капацитети за справување со предизвиците во областа на внатрешното уредување – се нотира во извештајот, каде што повторно се потврдуваат постојните недостатоци, а во фокусот се измените што треба да ги спроведе Македонија што е можно побрзо, во однос на приближувањето на своето законодавство до легислативата на Европската Унија.
Во извештајот каде што се бележат состојбите и напредокот во областа на климатската акција, одржливиот развој и заштитата на животната средина, се посочува дека се забележани незадоволителни услови во секоја област поединечно. Покрај тоа што нема доволно човечки ресурси и квалификуван кадар да ги врши работите, се посочува и на некоординираност на институциите во делот на стратешкото планирање во животната средина и кај инфраструктурните инвестиции, како и оцена на влијанието на проектите врз околината.
Од ЕК потенцираат дека иако во земјава имаме кривични закони што ја опфаќаат животната средина, сепак, посочуваат дека „сѐ уште не се преземени никакви дејства за спречување противправни активности во оваа област“.
– Исто така, мониторингот на животната средина е оценет како несоодветен, бидејќи не ги исполнува критериумите пропишани во европското законодавство. Во однос на горенаведените забелешки, „Екосвест“, како граѓанска организација, во своето работење воведе нова алатка за олеснување на остварувањето на граѓанските права од областа на животната средина. Една од активностите за премостување на јазот со недостигот на капацитети од страна на инспекциските тела претставува и проектот „Зелен телефон“, кој претставува мост помеѓу граѓаните и институциите, каде што „Екосвест“, во својство на посредувач, помага да се насочат граѓаните кон преземање одредени активности кон институциите од животната средина – се посочува во анализата на „Екосвест“ за поглавјето 27.
Во областа на управувањето со водите, јасно е наведено дека Законот за водите мора итно да се усогласи со Директивата за води и подземни води на ЕУ. Во однос на издавањето дозволи за изградба на мали хидроцентрали, ЕК забележува дека тоа претставува сериозна закана за екосистемите во животната средина.
„Екосвест“ повеќепати ја потенцираше неопходноста од измена на законските одредби преку различни извори (покрај предложените коментари на електронскиот систем ЕНЕР, преку своите проектни активности упатува на неопходноста од регулирање на одредбите во Законот за води, кој поради својата несоодветностм предизвикува штетни влијанија врз животната средина).
– Една од главните цели на „Екосвест“ во однос на законските измени е регулирањето на протокот на вода при зафаќањето на реките од страна на малите хидроцентрали, кој директно негативно влијае на останатиот екосистем. Моменталните одредби што дефинираат минимум прифатлив проток мора да се изменат и да предвидат еколошки проток потребен за одржување на квалитетот на реките и на нивниот екосистем. Непостоењето планови за управување со речните сливови претставува голем ризик за површинските и за подземните води, при ископ на песок и на чакал. Не би требало да се издаваат дозволи за ваков вид активности без претходно донесување на плановите за речните сливови. Но, во практиката, активностите за ископ на песок и на чакал од речните корита или во нивна близина се многу честа појава, која со децении им причинува штета на водните тела, но и го зголемува ризикот од поплави и од штети во населените места – велат од „Екосвест“.
Законот за животна средина, кој е донесен во 2005 година, досега претрпи 21 измена и од Европската комисија сметаат дека тој е несоодветен правен акт што мора да се измени во најкраток можен рок и да се усогласи со законодавството на ЕУ.
– Еден од најсериозните недостатоци на овој Закон претставува несоодветното дефинирање на спроведувањето на постапката, како и самата суштина на одредбите за спроведување на оцената на влијанието врз животната средина, кое моментално не е во согласност со ЕУ- законодавството – додаваат од „Екосвест“.
Во врска со елаборатите за животна средина што го анализираат влијанието на инфраструктурните проекти врз околината, од ЕК сметаат дека се остава можност да се спроведат проектите без учество на јавноста, без пристап до информации и без пристап до правда.
Од ЕК имаат забелешки и во однос на управувањето со Националниот парк „Маврово“, каде што се случуваат огромен број незаконски градежни дејства и се уништува природата, како и за повлекувањето од собраниска процедура, и на барање на Владата, на предлог-законите за прогласување на кањонот Матка, Стиденчишко Блато и на Охридското Езеро за заштитени подрачја, на доработка. Овие подрачја сѐ уште не уживаат законска заштита. Се посочува и дека спроведувањето на препораките на УНЕСКО за природното и за културното наследство на Охридскиот Регион останува недоволно.
Забелешките за климатските промени се исти како и во претходните години, односно се посочува дека државата сѐ уште нема правна рамка за климатска акција, а законот за климатска акција не е усвоен. Без овој закон, земјата го нема потребниот систем за следење, известување и верификација за изворите на стакленички гасови во земјата и без него не може да започне да се спроведува механизмот на ЕУ за тргување со емисии, како и домашниот надоместок за јаглеродни емисии, кој е клучен за да се обезбедат финансии за енергетска транзиција на земјава.
– Главниот проблем зошто сè уште не се донесува законот се ниските административни капацитети за негово спроведување, каде што повторно се рефлектира немањето волја од Владата да ги стави овие теми како висок приоритет и да ги обезбеди потребните финансии за нив – велат од „Екосвест“.
Оттаму нагласуваат дека поглавјето 15 за енергетика е тесно поврзано со делот за климатските промени, односно забрзувањето на енергетската транзиција и овозможувањето финансиски средства за неа зависат од донесувањето и од брзото спроведување на законот за климатска акција.
– Сепак, во ова поглавје има значителен напредок во однос на усвојувањето на потребната регулатива за отклучување на декарбонизацијата. Иако постојат во стратешките документи, телата за управување со процесите на праведна транзиција сè уште не се целосно операционализирани. Иако беа направени измени на Законот за енергетска ефикасност, и тоа е нотирано во извештајот, сепак, фонд за енергетска ефикасност не е установен. „Екосвест“ изработи и анализа на поставеноста на фондот за енергетска ефикасност, со препораки за операционализирање и за поефикасно негово работење – велат од „Екосвест“.
Лашкоска: Не увезуваме отпад, ниту ќе увезуваме во иднина!
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска ги демантира информациите што се пласираат во јавноста дека во земјава се увезува отпад.
– Во Македонија не увезува отпад, ниту ќе увезува во иднина – истакна Лашкоска од собраниската говорница одговарајќи на пратеничко прашање до Министерството за животна средина и просторно планирање дали државата аплицирала да увезува отпад од Европската унија и кои се капацитетите кои ќе го преработуваат тој отпад.
Во однос на маслото за јадење, таа рече дека станува збор за увоз за извоз, односно го увезува фирма која го препакува и го извезува во Австрија. Таа повтори дека и за увозот на хартија станува збор за иста процедура.
– Кога станува збор за металите, не станува збор за штетни метали – рече Лашкоска.
(С. Бл.)












