ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА СО СВОИ АРГУМЕНТИ И РАЗЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ: Резолуција и контрарезолуција во битка со мигрантите?

На утрешната собраниска седница, за усвојување ќе се најде резолуцијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ и од партнерите со која се осудуваат манипулациите на опозицијата околу мигрантите. Од опозицискиот СДСМ до денеска попладне сè уште ја немаа доставено резолуцијата и соопштуваат дека контрарезолуцијата е признание дека постои „договор мигранти за пари“

336

Резолуција со која се осудуваат манипулациите на опозицијата и се потврдуваат политиките против нелегалната миграција, вчера, до македонското Собрание поднесе владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, заедно со своите коалициски партнери. Според најавите, овој документ ќе се најде уште на утрешната собраниска седница, при што може да се очекува негово усвојување со оглед на пратеничкото мнозинство. Од друга страна, до вчера попладне, опозицискиот СДСМ сè уште ја немаше доставено до Парламентот својата резолуција против влез на мигранти во нашата земја и покрај најавите во изминативе денови. Истовремено, двете спротивставени коалиции продолжуваат со меѓусебните обвинувања за ширењето лажни вести околу влезот на мигранти во Македонија, а кои се актуализира по објавите во дел од британските медиуми.

Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска изјави дека со оваа резолуција тие сакаат да ѝ стават точка на измислената тема со мигрантите од страна на СДС. Во неа има девет точки, при што уште во првата се осудуваат „лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии“.

– Со нив, во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или со изградба на мигрантски кампови. Се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики – наведе тој.

Со додава дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, и покрај јасните и недвосмислени ставови на надлежните институции, со цел создавање паника, нарушување на јавната стабилност и остварување краткорочни политички интереси на сметка на безбедноста и спокојот на граѓаните. Ова, според ВМРО-ДПМНЕ, е спротивно со правилата на поредокот, меѓу кои Кривичниот законик, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Се наведува и тоа дека се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната Влада на Зоран Заев поврзани со создавањето кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и на државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и на општествени ризици.

Мицевски потенцира дека секое неодговорно политичко дејствување може да ги наруши меѓуетничките односи, стабилноста, толеранцијата и меѓусебното почитување. Истовремено, се потврдува определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштитата на националните интереси и на почитувањето на меѓународното право.

– Со оваа резолуција, им се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводното прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција – нагласи Мицевски.

Од друга страна, од опозицискиот СДСМ вчера соопштија дека контрарезолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ е признание дека постои „договор мигранти за пари“.

– ДПМНЕ и ЗНАМ избегнаа да ја потпишат резолуцијата на СДСМ, во која експлицитно стои дека нема да се дозволи носење мигранти и наместо тоа, поднесоа контрарезолуција во која нема ниту една јасна одредба што го забранува тоа. Затоа, во контрарезолуцијата нема ниту една јасна одредба што забранува носење мигранти од Британија за пари. Има игра на зборови, мигрантите ги кријат зад термините како „економски работници“ или „нелегални мигранти“ – изјави партиската портпаролка, Богданка Кузеска.

Од СДСМ тврдат дека договорите за распродажба на Македонија преку мигранти за пари се веќе јасни и потврдени.

– Во буџетот за 2026 година, Владата на ДПМНЕ-ЗНАМ испланирала заеми од странство од 1,4 милијарди евра. Владата дури најавува дека во 2026г. ќе започне и реализација на дел од проектите финансирани и со пари од британскиот кредит од 6 милијарди евра. А кредитот е пакет врзан со мигранти, мигранти за пари, како што објавија и сите релевантни британски медиуми – нагласи Кузевска. (Б. Ѓ.)

Обвинителството нема пријава за ширење паника и страв

Од државното Јавно обвинителството денеска соопштија дека до нив не е доставена пријава од надлежните органи за кривичното дело ширење страв, паника и несигурност меѓу граѓаните.

– До овој момент, до јавните обвинителства не е доставена пријава од надлежните органи во врска со таков настан – одговорија од Обвинителството.

Оттаму не одговорија дали ќе преземат нешто по основ на „допрен глас од јавноста“. Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела ги повика надлежните институции да поведат постапки против опозицискиот СДСМ за ширење паника и страв во врска со темата мигранти. Координаторот Никола Мицевски, на прашањето на весникот ВЕЧЕР дали ќе поднесат кривична пријава доколку СДСМ продолжи да објавува истоветни тврдења, одговори: „Прво да ја усвоиме резолуцијата, а потоа ќе видиме“.

ИЗДВОЕНИ