ВЛАСТА И ОПОЗИЦИЈАТА СЕ ПРЕПУКУВААТ – МАРШРУТАТА СИ ВРВИ: Мицкоски и Филипче во мигрантска војна, дома шверцот го водат и странски државјани

Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, најави собраниска резолуција против приемот на мигранти и протести доколку таа не се усвои. Премиерот Мицкоски, пак, остро одговори: „Оставам простор до пролет Венко Филипче, заедно со Фрчкоски и со Жерновски да бараат низ Македонија и да најдат мигранти, и ако најдат еден, јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивност, тие да ми се извинат и мене и на граѓаните што шират паника без потреба“. И додека трае препукувањето, извештаите на македонската полиција укажуваат на загрижувачка тенденција – шверцот на мигрантите не запира и сè повеќе преминува во рацете на странските државјани

541

Власта и опозицијата и денеска продолжија со крајно спротивставени ставови околу приемот на неподобните мигранти од европските земји во ситуација кога на подрачјето на Македонија и натаму функционираат шверцерските канали. По серија објави на британските медиуми дека нивната Влада договара префрлување на таквите мигранти во Македонија и најавата од ЕУ дека и тие планираат отворање на центри за одбиени азиланти во други земји, опозициската партија СДСМ најави нови чекори во спротивставувањето на приемот на мигрантите. Лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека премиерот веќе договорил примање на мигранти за соодветен финансиски надоместок.

– Повеќе од очигледно е дека има договор за мигрантите. Власта на ВМРО-ДПМНЕ мора да го потпише тој договор, затоа што тоа е врзано со кредитот од шест милијарди евра. По онлајн петицијата за одбрана на земјава од планираниот прием на мигранти преземаме и парламентарна акција со цел заштита на државните интереси. По оваа петиција, ќе излеземе во Собранието и ќе бараме изгласување Резолуција за да го запреме ова. Тоа ќе биде вториот чекор – најави Филипче.

Ако нема резолуција, ќе има протести

Тој додаде дека доколку Резолуцијата не биде поддржана, партијата ќе продолжи со други демократски механизми, вклучувајќи поширока мобилизација на јавноста.

– Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезе и не ја прифати оваа Резолуција, ќе бидеме принудени понатаму да се бориме со сите демократски средства. Еден од нив е да ги повикаме сите граѓани на еден голем народен протест – нагласи претседателот на СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, пак, му упати предизвик на Венко Филипче.

– Да му одговорам политички на раководството на СДСМ, зашто ја спомна пролетта, оставам простор до пролет Венко Филипче, заедно со Фрчкоски, заедно со Жерновски да бараат низ Македонија и да најдат мигрант, кој е дел од овој договор со Велика Британија, или каков било договор, и ако најдат еден, јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивност, тие да ми се извинат и мене и на граѓаните што шират паника без потреба. Ова ќе важи бесконечно, додека сум јас претседател на Владата. Еве, јас велам вака, нека земат тројцата, нека шетаат колку сакаат низ Македонија и ако најдат само еден, јас трајно ја напуштам политиката, во спротивност очекувам тројцата да излезат и да се извинат – одговори Мицкоски.

На прашањето дали има намера да ги демантира пишувањата на британските медиуми, Мицкоски потсети дека за ширење лажни вести неодамна уредник на „Би-би-си“ мораше да си поднесе оставка.

Инаку, македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски вчера во Брисел учествуваше на Меѓународната конференција на Глобалната алијанса за борба против шверцот со мигранти, на која присуствуваат високи владини и европски претставници.

Секоја недела се открива по еден шверцерски канал

Од друга страна, мигрантската маршрута од Грција кон западноевропските земји која оди и преку Македонија, никако да запре. ВЕЧЕР веќе објави дека секоја година граничните и полициските органи откриваат по илјадници мигранти од разни земји кои илегално влегуваат во наша земја на граница со Грција со цел да стигнат до Србија и до европските земји. Тоа покажува дека поранешната „Балканска мигрантска маршрута“ и натаму постои, иако во 2016 година беше прогласено дека е затворена. Податоците на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција покажуваат дека на границата со Грција, во 2021 година, биле спречени 18.424 илегални влегувања, во 2022 – 24.965, во 2023 – 12.477, а лани во 2024 година, 4.297. Истовремено, имало зголемување на бројот на откриени и попречени илегални обиди за влез во Србија – од 1.405 во 2023 година на 2.328 во 2024 година. А тоа значи дека во земјава влегле многу мигранти кои претходно не биле попречени на нашата јужна граница.

– Постојано има нови и нови мигранти кои доаѓаат во нашата Хуманитарна сервисна точка во Лојане, каде што им даваме помош. И деновиве е така – ни изјави Сандра Томовска, теренски координатор на Црвен Крст на Град Скопје.

Од друга страна, извештаите на македонската полиција за попречувањето на илегалното префрлување на мигрантите од Авганистан, Сирија, Пакистан, Египет, Кина, Мароко… укажуваат на загрижувачка тенденција – шверцот на мигрантите сè повеќе преминува во рацете на странски државјани! МВР неодамна соопшти дека на 19 ноември, албански државјанин бил приведен во Гевгелија откако полицијата го фатиле при шверц на 10 мигранти во неговото возило со албански национални ознаки. Седуммина од луѓето што ги превезувал биле од Египет, а тројца од Мароко. Три дена пред тоа, македонската полиција, пак, кај Гевгелија уапси маж и жена од Албанија кои превезувале пет мигранти од Сирија и од Египет. Ден пред тоа, пак, во месноста Ресуљка, во близина на граничната линија меѓу Македонија и Србија, македонска полиција откри дури два импровизирани кампа во кои се шверцувале мигранти кај Табановце, по што е поднесена пријава против пет лица – државјани на Авганистан. Според сознанијата, за ваквиот превоз шверцерите наплатуваат од 800 до 1.000 евра по лице. Годишните извештаи на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегалната миграција покажуваат дека во 2024 година полицијата открила 60 случаи на „шверцување мигранти“, при што биле приведени 78 лица, од кои 23 странски државјани. Во 2023 година имало 96 вакви случаи, а биле приведени 119 лица од кои 24 странски државјани.

Порталот „Инфомигрантс“ неодамна ја пренесе изјавата на македонскиот министер за внатрешни работи, кој кажа дека „99 проценти од мигрантите што минуваат низ граничната зона со Грција го прават тоа со помош на мрежи на шверцери на мигранти“.

– Кога ќе пристигнат во Грција, добиваат инструкции и се испраќаат на место за собирање во близина на границата, на грчка страна, во близина на Евзони, наречено хотел „Хара“, на 1,5 километри оддалеченост од Гевгелија – наведува министерот Тошковски.(Б.Ѓ.)

Сиљановска-Давкова: Ако се лица опасни за Британија, опасност се и за нас

Јас сум против приемот на лицата кои се опасни за Велика Британија, изјави вчера македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова. Одговарајќи на новинарско прашање поврзано со актуелните препукувања меѓу власта и СДСМ за тоа дали ќе дојдат илегални мигранти во Македонија или не, таа рече дека околу ова прашање се слушнало уште во времето на склучувањето на стратешкиот договор.

– Колку што сум информирана од британскиот амбасадор, ама и од Владата, тоа не е точно. Ако се работи за лица кои претставуваат опасност за Британија, тие се подеднакво опасни и за нас и јас сум против нивниот прием. Меѓутоа, прашањето е за што резолуција, ако ние немаме докази? Бидејќи она што излегува во медиумите, со сета чест и почит кон оваа професија, не мора да биде точно. Јас мислам дека секогаш кога преземаме некои активности, мора да имаме сигурни факти и докази за тоа. Ние наместо да се соочиме со реалноста повторно се соочуваме со нешто што е напишано во весниците – додаде претседателката.

ИЗДВОЕНИ