Владо Георгиев речиси ги “спобудале” деновиве своите следбеници на мрежата Икс, со објавата дека одлучил да се придржува до најстрогиот пост – целосно, без внесување храна, за да го активира процесот на автофагија. Станува збор за диета со која телото ги користи сопствените ресурси за енергија во текот на долготрајниот пост!
За едни е далеку, за други е многу блиску датумот на одржување на големиот солистички концерт на српско-црногорскиот поп-пејач и естраден шармер, Владо Георгиев, нагалено наречен Барба. Концертот, кој е насловен „Господски“, е закажан за 7 март, ден пред Денот на жените, 8 Март. И неслучајно на тој датум. Пејачот посака да им го честита денот на сите наши дами со своите прекрасни, нежни музички балади со кои стана толку многу популарен.
Сè ќе се случува во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје. Овој концерт е логичен редослед на концертите што ќе ги има Владо пред тоа во Белград на Вода и на Златибор. А, секако, и по двата сосема распродадени концерти во белградска „Арена“.
На публиката Георгиев ѝ подготвува специфична двочасовна музичка приказна со која ќе ги надмине рамките на класичниот концертен настап. Тоа ќе биде нова комбинација на боемскиот сензибилитет и на музичката елеганција во која се слуша шепотењето на рапаво-нежниот глас на Владо, поради кој жените не може да останат рамнодушни. Всушност, добро е познато дека од својата појава на естрадата, Владо е мамка за понежниот пол, кој го смета за еден од најсексапилните пејачи. Тоа важи и сега, па по некоја логичност се очекува најмногу да бидат присутни во публиката жените: мажени или разведени, тинејџерки и оние во сериозна врска.
Концертот најавува вистинска музичка уметност: на сцената, Владо ќе биде со пијаното, со своите најтесни соработници, со виното како лек за душата, со нотите на песните што не им подлегнуваат на трендовите, туку му припаѓаат на долгото траење. Тоа се безвремените хитови, омилените балади, сè споено со раскошна сценска продукција и со атмосфера што создава чувство на блискост со распеаната публика. Својот последен настап во Македонија Владо Георгиев го имаше летово, кога одржа голем, успешен концерт во античка Хераклеја во Битола. Скопскиот, за Денот на жената, ќе биде само продолжување на битолскиот. Воедно збогатен со неговата нова песна. Сè на сè, уште еден жив доказ за тоа зошто Владо Георгиев со години важи за вистински господин на ексјугословенската музичка сцена.
Инаку, мимо концертот во Скопје, Владо Георгиев речиси ги “спобудале” деновиве своите следбеници на мрежата Икс, со објавата дека одлучил да се придржува до најстрогиот пост – целосно, без внесување храна, за да го активира процесот на автофагија. Георгиев пред девет дена откри дека почнува со предизвикот – да се воздржува од храна на подолг временски период.
Повторно гладување и автофагија, без храна во следниот период, ќе видиме колку ќе издржи? Самиот се надева што подолго, но и 100 часа се голема работа за организмот, порачува Владо. Станува збор за диета попозната како автофагија, процес во кој телото ги користи сопствените ресурси за енергија во текот на долготрајниот пост. Во текот на овој режим на исхрана, забрането е внесување секаква храна, но дозволено е консумирање вода, чаеви и природни сокови. (Д. М.)












