Владиниот калкулатор се прегреа од високите суми за храна што ги плаќаат граѓаните!?

Извештајот на Државниот пазарен инспекторат треба да покаже дали има нереално покачување на цените на прехранбените производи. Последните податоци од ССМ, кои покажуваат дека за еден месец, откако се тргнаа замрзнатите маржи, трошоците за храна и за пијалаци се зголемени за 954 денари, се поразителни. Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, вели за весникот ВЕЧЕР дека сè уште се вршат контроли кај трговските синџири, увозниците и кај дистрибутерите и се проверува какви трошоци се пријавени, кои влијаат на формирањето на цената, како и цените на производите од влезот во Македонија до рафтот во маркет или на тезга на пазар

1004

Се чека анализата од Државниот пазарен инспекторат што треба да покаже дали имало нереално и енормно покачување на цените на производите по истекувањето на мерката за ограничување на маржите и какви мерки треба да преземе Владата за да го запре поскапувањето. Поразителни се последните податоци, кои покажуваат дека за само еден месец, откако се тргнаа замрзнатите маржи, синдикалната кошничка е поскапа за 1.217 денари. Само за храна и за пијалаци, трошоците се зголемени за 954 денари. Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека на едно четиричлено семејство му требаат речиси 64.000 денари месечно само за преживување. Поради тоа, бараат Владата итно да донесе мерки за запирање на растот на цените или да ги зголеми платите за да го заштити стандардот на граѓаните.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, вели дека сè уште се вршат контроли кај трговските синџири, увозниците и кај дистрибутерите и се проверува какви трошоци се пријавени, кои влијаат на формирањето на цената, како и цените на производите од влезот во Македонија до рафтот во маркет или на тезга на пазар.

– Генерално, зголемени се цените на некои производи, додека на некои се намалени. Така, на пример, има намалување кај некои видови сезонски овошје и зеленчук, додека има зголемување на цените на некои хемиски производи и производи за лична хигиена. И кај другите производи е забележано мало зголемување на цените. Ќе излеземе со целосна анализа на почетокот од јуни. Во моментот се вршат контроли кај трговците, увозниците и кај домашните производители за да се утврди со која бруто профитна маржа настапуваат. Инспекторите се на терен и има дваесетина тима што вршат контрола на дневна основа. Ќе направиме сублимат до крајот на мај и во првата недела од јуни ќе излеземе со целосна анализа за движењето на цените – изјави Стојкоски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додаде дека се прават анализите врз основа на документацијата на правните субјекти – трговците, увозниците, дистрибутерите, производителите… и дека треба да послужат за носење понатамошни мерки од Владата.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека за една година синдикалната кошница е поскапа за над 6.000 денари и бараат итно да се донесат нови мерки или да се зголемат платите.

– Без разлика што некои месеци имаше намалување на синдикалната кошница, имаше зголемување во делот на храната. За една година, трошоците за храна се зголемени за над 6.000 денари. Само во мај имаме зголемување на трошоците за храна за 954 денари, бидејќи се тргнаа мерките и цените почнаа нагло да растат. И покрај тоа што има минимално намалување на некои видови сезонски зеленчук, генерално, овошјето и зеленчукот се скапи. Владата треба час поскоро да донесе мерки, бидејќи цените уште повеќе ќе пораснат – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радовски од ССМ.

Тој вели дека без разлика што сè уште нема репрезентативен синдикат, итно треба да се одржи седница на Економско-социјалниот совет за да се донесат мерки за заштита на стандардот на граѓаните и на правата на работниците.

Додека граѓаните едвај преживуваат од први до први, Владата сè уште тактизира со носењето на владината кошница. Кошницата, која беше најавувана неколку пати досега, сè уште не е донесена. Засега се знае само дека во неа нема да има луксузен одмор, цигари и алкохол, а допрва ќе дознаеме што друго ќе им сервира Владата на граѓаните.

Премиерот Христијан Мицкоски еднаш повтори дека доколку се забележи „неконвенционално однесување“ во однос на цените на прехранбените производи, Владата „ќе интервенира“.

– Да ги почекаме индикаторите. Потрошувачката кошничка зависи од однесувањето на трговските синџири, но и на снабдувачите и на дистрибутерите. Како Влада, рековме дека нема да толерираме трикови, но, исто така, не мислам дека се сезонско овошје јагодите, црешите, лубениците за овој период од годината – изјави Мицкоски.

На ова реагираа од Социјалдемократскиот сојуз, од каде што велат дека ова е целосен дебакл на економските политики на Владата и оти поради тоа граѓаните се соочуваат со континуирани ценовни шокови.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ