вторник, февруари 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Владиниот авион натоварен со сомнежи, кој колку летал во облаци?!

Владиниот авион натоварен со сомнежи, кој колку летал во облаци?!

Владиниот авион се користи исклучиво согласно прописите и секој лет е евидентиран и под институционална контрола, тврдат од Владата по обвинувањата од опозициската СДСМ дека премиерот Христијан Мицкоски се луксузирал со народни пари и до Јадранското Море летал со владиниот авион, а нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците. Од Владата, пак, ја обвинија опозицијата за хипокризија и сензационализам, затоа што велат, токму СДСМ кога беа на власт, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение одговорија дека Заев и Филипче летаа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, а ДУИ користеа авион до Ниш

239

Користењето на владиниот авион отвори жестока политичка пресметка меѓу власта и опозицијата во однос на законитоста, транспарентноста и оправданоста на службените летови. Откако опозициската СДСМ обвини за луксузирање со народни пари и ја проблематизира оправданоста на дел од патувањата, обвинувајќи дека премиерот Христијан Мицкоски до Јадранското Море летал со владиниот авион, а нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците, од Владата вчера излегоа со соопштение во кое тврдат дека авионот се користи исклучиво согласно прописите и дека секој лет е евидентиран и под институционална контрола. Оттаму ја обвинија опозицијата за хипокризија и сензационализам.

-Јавно и недвосмислено укажуваме дека владиниот авион е користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење, согласно Правилникот за условите и начинот на користење на истиот. Секое користење е евидентирано, документирано и предмет на институционална контрола. Ниту една активност не е надвор од утврдените процедури, ниту постои каква било форма на злоупотреба. Особено е симптоматично што опозицијата свесно ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на авионот во ситуации од итен карактер. Јавноста добро знае дека истиот воздухоплов беше ставен во функција на спасување човечки животи, меѓу другото и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените од трагичниот пожар во Кочани, велат од Владата.

Во соопштението обвинија дека истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користела владиниот авион за патувања „кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш“.

-Денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија. Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби. Владата останува цврсто посветена на принципите на законитост, отчетност и транспарентност, стои во владиното соопштение.

СДСМ обвинува за луксузирање со нардони пари

Реакцијата дојде по обвинувањето од опозициската СДСМ дека Мицкоски до Јадранското Море летал со владиниот авион, а нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра за работниците.

-Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери. Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот. Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион. Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација – Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски, истакнаа од СДСМ и го повикаа да се симне на протест на работниците за поголеми плати и за достоинствен живот, да ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион?

-Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари?, прашуваат од опозициската партија.

Од владејачката ВМР)-ДПМНЕ преку соопштение одговорија дека Заев и Филипче летаа со хеликоптер од Скопје до Прилеп, а ДУИ користеа авион до Ниш.

-СДС без идеи секојдневно растура пердуви во јавноста и шири дезинформации. Јавноста добро памети дека Заев и Филипче одеа на настани во Македонија со државен хеликоптер. ДУИ пак, владиниот авион го користеле и за летови до Ниш. Јавноста добро се сеќава дека од 30 дена, владиниот авион ексминистрите на ДУИ и СДС го користеле 25 дена. Заев и Филипче летаа од Скопје до Прилеп со хеликоптер на државна сметка, се вели во партиското соопштение.

Николоски со „Лирџетот“ летал 11 пати

Темата за користењето на владиниот авион се актуелизираше откако деновиве ТВ Телма објави дека од јуни 2024 година до декември 2025 година премиерот трипати го користел авионот. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит, во период кога дел од медиумите информираа дека неколку дена Мицкоски ќе одмара во Хрватска.

Повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи во Владата, телевизијата објави и дека Мицкоски со авионот патувал и до Тирана, а за еден лет од Скопје до Белград нема целосни податоци – пишува дека корисник е претседател на Влада, но графата за патници е празна.

Според информациите на Телма, од министрите владиниот авион најмногу го користел вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој најчесто летал токму за Будимпешта – од 11 лета, дури шест пати Николоски бил таму.

Повеќе од Николоски владиниот авион го користела само претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која летала 13 пати. Од соседството, претседателката била до Тиват, Подгорица и Тирана, а со владиниот авион летала и до Рим, Истанбул и Копенхаген.

Најави за нов владин авион

Пред неколку месеци, директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, најави дека Владата размислува за набавка на нов владин авион кој би го заменил застарениот „Лирџет“. Томовски објасни дека сегашниот владин авион е стар две децении, скап за одржување и со ограничен капацитет.

– Владиниот авион има само шест седишта и е тотално некорисен. Користиме репарирани делови што веќе не се произведуваат, често е на поправка… Тоа е како да одржуваме олдтајмер, изјави тој и додаде дека постапката за набавка на нов авион сè уште не е започната, но дека веќе има заинтересирани компании кои доставиле понуди. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ