Владина делегација предводена од заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, од денеска е во дводневна работна посета на Париз, каде што ќе се сретне со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.

– На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита што гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност – велат од Владата.

Делегацијата ќе се осврне и на мерките што ги презема Владата, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и од стратешкиот план за рехабилитација.

Дел од македонската делегација, која замина во Париз, се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков; министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа; градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира.

ИЗДВОЕНИ