„Владимирска културна есен 2025“ стартува со Ранко Рангелов и Ленче Кукиќ на 11 Октомври

23

Свечено на празникот 11 Октомври, во беровскиот крај! Македонскиот државен празник 11 Октомври оваа година (оваа сабота) ќе биде многу свечено прославен, и тоа не каде било, туку во беровскиот крај. Поточно, во убавото Владимирово, во организацијата на Културниот центар „Горан Алачки“, ќе се одржи големата културна манифестација „Владимирска културна есен“.

Така што на самиот почеток, есенската празнична вечер ќе биде во знакот на концертот на познатата македонска фолк- пејачка Ленче Кукиќ, која ќе настапи на истата сцена со најпознатиот македонски хуморист, Ранко Рангелов. Тој воедно e и водител на празничната програма. Во еден дел од својот настап, ќе биде облечен во партизанска униформа, имитирајќи го маршалот Јосип Броз Тито.

Нема воопшто сомнеж дека големата фестивалска сала „Ванчо Чавдарски“, во која ќе се одржи концертот со почеток во 19:00 часот, ќе биде исполнета до последното место. Публиката во Македонија ја сака Ленче многу одамна, а онаа публика во поранешна Југославија максимално се запозна со неа преку нејзиниот триумфален настап во балканското ТВ-шоу „Никад није касно“. Ленче тогаш блескаше со македонската песна „Катерино моме“. Обожавателите на Ленче ќе имаат можност да уживаат и во речиси сите нејзини најубави хит-песни.

Меѓу нив и онаа неофицијално победничка – „Ракија се пече“, која има запалив рефрен и која нашата омилена Дедејче ја исполни на првиот фолк-фест „Владимирово 2025“, кој се одржа под покровителство на маестро Горан Алачки.

Празничната вечер воедно ќе биде и комбинација на македонска песна со македонски хумор. Со многу смеа, емоции и со вистинска македонска етнотрадиција. Како што најавуваат и учесниците и организаторите, во беровскиот крај, на 11 Октомври, ќе ечи „За многу години Македонци, каде и да сте, тука, дома, сте за татковината Македонија“.  (Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ