На големата сцена на Македонскиот народен театар, на 13 ноември во 20:00 часот, премиерно ќе се изведе претставата „Варвари“ според драмата на Максим Горки, а во режија на Владимир Милчин. „Варвари“ е драма за духовното варварство под површината на „цивилизацијата“. Горки предупредува дека вистинскиот напредок не е во машините и во железниците, туку во човечноста, совеста и во емпатијата. Делото е мрачно, но со надеж дека новите млади луѓе ќе го донесат моралното будење на општеството

„Варвари“ според драмата на рускиот писател Максим Горки, а во режија на Владимир Милчин, е претставата што премиерно ќе се изведе на 13 ноември во 20:00 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар. Претставата „Варвари“, во продукција на МНТ, е праизведба, односно првпат се поставува на театарската сцена во Македонија. Напишана во 1906 година, драмата на Горки се занимава со длабоките општествени и морални конфликти на почетокот од 20 век во Русија, преку судирот меѓу старото и новото, традицијата и модерноста, човечноста и бездушниот технички напредок. „Варвари“ е драма за духовното варварство под површината на „цивилизацијата“. Горки предупредува дека вистинскиот напредок не е во машините и во железниците, туку во човечноста, совеста и во емпатијата. Делото е мрачно, но со надеж дека новите млади луѓе ќе го донесат моралното будење на општеството.

„Во годината кога МНТ одбележува 80 години од постоењето, делото ‘Варвари’ првпат во историјата на македонскиот театар ќе оживее токму на оваа сцена, а особено сум горд што професорот Милчин го става својот режисерски печат токму на оваа претстава. Текстот, иако е напишан пред повеќе од еден век, отвора можност за современо читање на Горки, претстава што не е само историски приказ туку и огледало во кое се препознаваме и денес. ‘Варвари’ е драма за судирот на две епохи, традиционалниот затворен начин на живот во провинциско гратче и новите сили на прогресот, олицетворени преку инженерите што доаѓаат да градат железница. ‘Варвари’ не е само приказна за цивилизацискиот пресврт, тоа е драма за луѓето, нивните страсти, заблуди и копнежи. Горки ја истражува тивката линија меѓу љубовта и себичноста, помеѓу напредокот и духовната празнина, меѓу моралот и корупцијата. ‘Варвари’ потсетува дека напредокот нема смисла без човечност, дека технологијата и амбицијата не смеат да ја прегазат душата“, рече на денешната прес-конференција директорот на МНТ, Никола Кимовски.

Посочи дека во претставата играат 23 актери, повеќето поранешни студенти на професорот Владимир Милчин, што му додава на проектот емотивна и уметничка тежина.

Режисерот Милчин, на прес-конференцијата, пак, на изненадување на сите, рече дека ова ќе му биде последната претстава што ја прави.

„Тоа е запишано кај мене. Живеам во Скопје, на улица што се сече со улицата „Максим Горки“. Тоа има некоја симболика. Горки е човекот што, со својата посветеност на правдата, платил не само со својот живот туку и со животот на својот син, убиен од шефот на НКВД (поранешната јавна и тајна полиција на Советскиот Сојуз, формирана по Октомвриската револуција во 1917). Максим Горки долго време беше премолчуван во Русија и не е случајно што оваа драма не е одиграна ни на руски ни во земјата во која живеел авторот пред да мора да се пресели во Италија за да преживее, за да не биде убиен. Го кажувам ова бидејќи Горки се третира како да бил со „црвените“ и му било мед и млеко, а воопшто не било така. Јас го чувствував тоа како обврска, да се постави оваа драма, затоа што таа не е умрена, таа сè уште има што да ни каже. А тоа е дека е неопходна солидарност меѓу луѓето, да може полесно да преживеат кога ќе се најдат под каков и да е притисок, дека молчењето не е злато, туку напротив…“, рече Милчин, додавајќи дека процесот на подготовка не бил едноставен и подолго траел.

Како што додаде режисерот, самиот факт што речиси 23 актери играат во претставата, значи дека тоа е театар што не треба да биде заборавен.

„Претставата има што да каже и се надевам дека ќе има публика што сака да го чуе и да се соочи со тоа. Актуелноста на драмата ‘Варвари’ треба да нè потсети дека не живееме во совршен свет, туку во свет што треба да се поправа, а тука театарот треба да ја одигра својата општествена улога“, рече режисерот.

Истакна и дека драмата првпат ја прочитал на руски, така и го научил јазикот, кога по земјотресот во 1963 година, живеел и учел во Прага, Чехословачка, тогаш под Советскиот Сојуз.

„И тогаш првпат го видов оној нивни живот и кога се вратив, видов дека ние сме побогати и попаметни. Минаа години и се покажа дека и ние сме потонале натаму. Ова сега, за жал, е Горки наш, современ. Бидејќи кога ќе излезете надвор, ќе видите дека фасадата на Театарот се распаѓа, и тоа не е единственото нешто што се распаѓа. И тогаш ви е јасно дека немаме причини да се радуваме многу“, додаде режисерот.

Во оваа претстава игра импресивна актерска екипа како: Тони Михајловски, Габриела Петрушевска, Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов.

Како што рече на прес-конференцијата Тони Михајловски, кој го толкува ликот на инженерот Черкун, варварството не престанало никогаш.

„Варварите и ден-денес постојат, меѓу нас и во нас, само кој како ќе го контролира тоа и како ќе го испорача надвор. Черкун е селанец што успеал да заврши школо во тоа време и се етаблирал во високото друштво, но го задржал руралното во себе, кое директно ги кажува работите ‘обландирани’ со образованието што го стекнал. Тој лик мене ми ја наметна дилемата со една реченица, која гласи: ‘Знаењето е поважно од моралот’. Мислам дека не е точно тоа, колку Горки и да го напишал тоа слатко. За мене, моралот сè уште е поважен од знаењето. А токму поради тоа што го туркавме знаењето пред моралот, стигнавме до овде, да каде што сме стигнати денес. Дали е поважно да сретнете човек со дипломи огромни како планини, а со нула морал и етика или таков без еден ден образование, ама со морал и етика големи како планина?“, праша Михајловски, зборувајќи за дилемата што му ја наметнал ликот при неговата подготовка.

Додаде дека во „Варвари“ ќе препознаеме колку малку сме се промениле од времето на Горки, односно дека само сме се замаскирале во 21 век.

„Ова е претстава репрезент на целиот ансамбл на МНТ. Ретки се ваквите претстави, кои ни го менуваат ‘бифето’ што го немаме и претставуваат еден вид тим билдинг на Театарот, каде што се запознаваме, ги разменуваме енергиите“, додаде тој.

Актерката Звездана Ангеловска, која во претставата ја игра Татјана Николаевна Богаевска, земјопоседничка, зборувајќи за својот лик, праша дали моќта ни дава право да ја имаме контролата.

На прес-конференцијата со многу емоција, дел од актерите/актерките зборуваа за соработката со Милчин како режисер, но и за тоа дека им бил професор, ментор, авторитет. Му се заблагодарија за можноста да станат актери и, како што истакна Верица Недевска, за тоа што „им ги дал основите, финесите за оваа интересна професија, но и за животот. Ѝ ги научил што е нивната задача во општеството“.

„Ја играм улогата на Надежда Поликарповна, жена што има надеж и што верува дека работите може да бидат подобри. Текстот на Горки е исклучително современ и има неверојатно психолошка вивисекција на човечкото постоење. Горки, без разлика колку е мала или голема улогата, успеал умешно да направи совршени ликови, кои се живи, денешни и безвремени“, додаде Недевска.

Актерката Софиа Насевска-Трифуновска, пак, го толкува ликот на Лидија Павловна.

„Посакувам, како и нашите ликови, претставата да вика, да вреска и да кара“, рече Насевска-Трифуновска, на што актерот Гораст Цветковски додаде: „И да опоменува!“

Актерот Владо Јовановски ја толкува улогата на Василиј Иванович Редозубов, претседател на општината и, како што кажа, по вторпат е градоначалник во подела кај професорот Милчин.

„Во текстот, не сè, но многу работи се кажани. Прашање е колку од тие тајни што се во поттекстот ние, како екипа, успеавме да допреме, да ги дешифрираме, затоа што најчесто текстот е носачот на намери, на мисли, на емоции, на состојби, на карактери… Играм градоначалник, кој е корумпиран, кој не им припаѓа на благородниците и со сите средства ја брани својата позиција од конкуренцијата и од новото време што го носат инженерите, кои доаѓаат во таа провинција од центарот, да градат железница. И така се рушат спокојството и начинот на владеење на градоначалникот во таа мала провинција. И тука е основниот конфликт. Во оваа претстава, според мене, нема позитивни ликови, има помалку или повеќе расипани и со свои мани. А јас се сеќавам на една реченица на професорот Милчин, кој велеше дека ако навлезеш во проблемите на луѓето, за сите ќе имаш разбирање, но не и оправдување“, додаде Јовановски.

Креативниот тим на претставата го сочинуваат сценографот Беди Ибрахим, костимографка е Марија Пупучевска, а aсистент на режисерот Шенај Мандак. Изборот на музиката е на режисерот Милчин.

Следната изведба на претставата е закажана за 14 ноември. (Н.И.Т.)

Фото: Кире Галевски

ИЗДВОЕНИ