Владимир допрва ќе ја радува Македонија

29

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска оствари средба со младиот информатичар, Владимир Грчев, кој неодамна триумфираше со златен медал на Европската олимпијада по информатика за млади (EJOI), која се одржа во Шумен, Бугарија.

– Успесите како овој не само што го потврдуваат квалитетот на младите ИТ-таленти во Македонија туку и нè охрабруваат да продолжиме со инвестирање во нивниот развој. Сигурен сум дека Владимир допрва ќе ја радува Македонија со европски и светски успеси на секое негово идно натпреварување – нагласи министерот Андоновски.

Според информациите од Министерството за дигитална трансформација, Владимир Грчев е првокурсен ученик во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје, родум од Кочани и претставува еден од најистакнатите млади таленти во доменот на информатиката во државата.

Министерот Андоновски му го честиташе исклучителниот успех и ја искажа својата огромна гордост за резултатот што Владимир го оствари на интернационалната сцена.

Андоновски за време на средбата истакна дека Министерството за дигитална трансформација и Владата ќе продолжат да даваат поддршка на ваквите млади таленти кои достоинствено ја претставуваат Македонија во светот, преку програми за едукација, иновации и конкурентни активности во сферата на технологијата и програмирањето.

 

ИЗДВОЕНИ