Психосоматските болести, според Јеротиќ, се јавуваат кога психолошкиот стрес, потиснатите емоции и внатрешните конфликти го нарушуваат балансот на организмот, што на крајот се манифестира како физичка болест. Често овие болести се последица на потиснувањето на чувствата како страв, тага или гнев, кои лицето не ги обработило свесно. Јеротиќ верувал дека телото и умот се во постојана интеракција и дека проблемите во една сфера неизбежно се манифестираат во друга
Академикот, невропсихијатар и писател Владета Јеротиќ, кој бил и психотарапевт, често истакнувал колку е важна рамнотежата помеѓу духовното, менталното и физичкото здравје. Тој предупредувал за длабоката врска помеѓу телото и умот, а неговите ставови за психосоматските болести и денес предизвикуваат внимание во јавноста. Тој сметал дека речиси сите болести имаат психосоматска основа.
– Од грип до рак – сите болести се психосоматски – велел Владета Јеротиќ, укажувајќи дека не само што реагира на надворешните фактори туку телото реагира и на внатрешните конфликти и на емоциите што ги носиме.
Што се психосоматски болести?
Психосоматските болести, според Јеротиќ, се јавуваат кога психолошкиот стрес, потиснатите емоции и внатрешните конфликти го нарушуваат балансот на организмот, што на крајот се манифестира како физичка болест. Често овие болести се последица на потиснувањето на чувствата како страв, тага или гнев, кои лицето не ги обработило свесно. Јеротиќ верувал дека телото и умот се во постојана интеракција и дека проблемите во една сфера неизбежно се манифестираат во друга. Тој го истакнувал значењето на духовниот аспект во борбата против болестите, тврдејќи дека многу физички болести не може целосно да се излекуваат само со медицински третмани.
– Ако не пристапиме кон исцелување на целата личност – нејзините душа и ум, покрај телото, тешко ќе постигнеме трајно излекување – потенцирал Јеротиќ.
Стрес и емотивни фактори
Една од клучните причини за психосоматските болести, според Јеротиќ, е стресот. Современиот свет, како што зборувал тој, е преплавен со стрес, кој ако не се препознае и не се контролира, се наталожува и станува чкрапало за многу сериозни здравствени проблеми. Особено го нагласувал влијанието на долготрајниот стрес, за кој често немаме време да го обработиме поради забрзаниот ритам на животот. Тој наталожен стрес, како што објаснувал Јеротиќ, води до болести како хипертензија, срцеви заболувања, па дури и рак.
Тој нагласувал дека емоциите како анксиозност, чувството на беспомошност и постојаното незадоволство може да го ослабат имунолошкиот систем, правејќи го телото подложно на различни инфекции, од наједноставни (како грип) до најтешки заболувања.
– Имунолошкиот систем официјално се нарекува психонервноендокрино имунолошки систем. Психо – прво психата! Потоа нервниот систем, централниот, периферниот, вегетативниот. Потоа ендокрините жлезди, кои се многу комплицирани и многу интересни. Токму врската помеѓу психата и ендокрините жлезди. Речиси секогаш болестите на штитната жлезда имаат психичка основа – истакнувал тој.
Исто така, често зборувал за важноста на простувањето, како кон другите така и кон себе, како една од клучните стратегии за постигнување внатрешен мир и здравје.
Вера и духовност во лекувањето
За Јеротиќ, верата и духовноста биле основни алатки во процесот на самоисцелување. Тој често нагласувал колку се важни духовните практики, молитвата и медитацијата за лекување како на умот така и на телото. Јеротиќ истакнувал дека многу луѓе се фокусираат само на лекувањето на телото, занемарувајќи ги душата и умот, што може да биде погубно за трајното здравје.
– Без вера, надеж и љубов, телото нема да го најде патот до оздравувањето – зборувал тој.
Ова духовно сфаќање на болеста не значело дека Јеротиќ се спротивставува на класичната медицина. Напротив, тој често зборувал за потребата од интеграција на современата медицина и на духовниот пристап во лекувањето, укажувајќи дека медицинските третмани може да бидат поефикасни ако се применуваат во комбинација со емоционален и духовен развој.
Владета Јеротиќ, преку своите многубројни дела и предавања, оставил длабок белег во сфаќањето на поврзаноста помеѓу телото, умот и душата. Неговата филозофија дека сите болести се психосоматски, од полесните до најтешките, повикува да го преиспитаме начинот на кој живееме, како се справуваме со стресот и со емотивните предизвици.