ВЛАДЕЈАЧКАТА И ОПОЗИЦИСКАТА ПАРТИЈА СО СЕРИЈА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИИ:Кацарска на тапет кај ВМРО-ДПМНЕ, Трипуновски кај СДСМ

46

Актуелната судијка на Уставниот суд, Добрила Кацарска, и актуелниот министер за земјоделство, Цветан Трупиновски, и денеска беа на тапет на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и на опозицискиот СДСМ. Како и претходните денови, двете партии повторно ги обвинуваат за работење спротивно на интересите на граѓаните и дека се дел од корумпираниот систем во општеството.

На партиската прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на партискиот ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, повторно реагираше во однос на барањето на судијката Кацарска Уставниот суд да се изјасни за линеарното зголемување на пензиите.

– Судијката Кацарска, која досуди 200 години за 27 април и како за награда од СДС прекуноќ стана уставен судија, го загуби својот кредибилитет пред народот. Наместо да ја врати довербата и да покаже независност, таа продолжи и натаму да одработува за СДС и по негова насока поднесе предмет до Уставниот суд за укинување на 7.000 денари за пензионерите. Граѓаните веќе јасно може да ја увидат дволичноста на контаминираното судство на СДС, со примери како Добрила Кацарска, луѓе што без срам наместо да работат во интерес на граѓаните, да можат, ќе им ги скратат нивните законски права. Како ВМРО-ДПМНЕ, бараме реформи во судството и во Овинителството за овие чесни исклучоци и луѓе што си ја вршат работата законски и чесно, да дојдат до израз, а не луѓе како Добрила Кацарска да владеат со нашето правосудството – потенцира Манасиевски.

Наспроти ова, најголемата опозициска партија, СДСМ, и вчера го прозва министерот Трипуновски, барајќи да поднесе оставка по мегаскандалот со средствата од ИПАРД.

– Наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Трипуновски бега од одговорност, бега од вистината за суспензијата на парите, а бега и од одговори. Во својот одговор на официјалното писмено барање за информации со ИПАРД-скандалот, тој не наведе ниту збор за причините, нема ништо за времетраењето на суспендирањето на средствата од ИПАРД, нема ниту информација за планираните чекори за надминување на овој сериозен проблем. Едно големо ништо – нагласи партиската портпаролка, Богданка Кузеска.

Завчера, и ексминистерот за земјоделство, Љупчо Николовски, го обвини Трипуновски дека недозволиво молчи во одговорите на неговото пратеничко прашање.

Според СДСМ, со прикривањето информации, Трипуновски го загрозува системот на поддршка кон земјоделците и ја продлабочува штетата што ја трпат.

– Човек што јавно кажува дека не чувствува одговорност за ваков мегаскандал во својот ресор и во својот мандат, не може да биде министер и да води ресор – порачаа од СДСМ.

ИЗДВОЕНИ