Прославениот српски кошаркар, Владе Дивац, доживеа сообраќајна несреќа во близина на Луштица, Црна Гора, откако падна од својот мотоцикл. Еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња не можел да стане поради повредите, а според информациите што доаѓаат од српските медиуми, тој доживеал фрактура на колкот.
Откако веднаш бил хоспитализиран, бил подложен на итна операција во Црна Гора, при што му бил ставен вештачки колк, пренесува „Информер“.
- Според очевидци, Дивац паднал од својот мотоцикл во близина на Луштица и не можел да стане поради повредите што ги здобил при падот, па затоа набргу потоа бил пренесен во болница. Засега нема официјални информации за степенот на неговите повреди, неговата здравствена состојба, ниту за институцијата каде што е сместен за закрепнување – се наведува во текстот објавен од црногорскиот медиум „Побједа“.
Околу оваа несреќа се огласи и неговата сопруга, Ана Дивац, која потврди дека тој е сериозно повреден.
- Ги обожавам овие животни тестови, кога ги поминувам, нормално. Мојот сопруг падна од мотор, го скрши колкот и беше опериран. Многу стресно, знае оној што имал таква ситуација. Првото нешто на што помислив беше да одам да запалам цигара, а потоа си помислив: „Во ред, ајде да видам што стои зад сето ова“ – открива Ана.
Таа веднаш отишла во болница со сопругот, а пред операцијата се обидела да го развесели, па дури и се пошегувала.
- Втор дел од продолжението на „И богатите плачат“. Го однесоа во операциона сала, има одличен доктор покрај себе. Се надевам дека сè ќе помине добро. Додека седев со него и му правев друштво за да го развеселам малку и за да го насмеам, размислував што ќе кажам ако умреше, ќе кажев: „Колку се возеше вчера, точно почувствува“. Се возеше со чамец шест часа, мозокот ми се тресеше цела ноќ од возењето – многу го сака чамецот. Ми рече: „Еј, се гледаме подоцна, одам да играм карти“ – раскажа Ана Дивац.
Владе Дивац е еден од најдобрите српски кошаркари во историјата и неговата кариера траеше 22 години, од Слога од Краљево, преку Партизан, до НБА-лигата, каде што играше за ЛА Лејкерс, Шарлот хорнетс, а потоа и за Црвена звезда, пред да се врати во НБА и да ја игра најдобрата кошарка во својата кариера – за Сакраменто. Тој ја заврши кариерата во Лејкерс, во 2005 година.
Покрај големите клупски успеси, тој испиша историја и како член на југословенската репрезентација. Освои сребрени медали на Олимписките игри во Сеул во 1988 година и во Атланта во 1996 година, два златни медала (1990 и 2002 година) и еден бронзен медал на Светското првенство, три златни медали (1989, 1991 и 1995 година) и два бронзени медала на Европското првенство, како и злато на Универзијадата во Загреб во 1987 година.