Разговорите за реконструкција во владината коалиција се следени и од договарањето на партнерите во Владата за обезбедување Бадентерово мнозинство, потребно за изгласување на системските закони во македонското Собрание. За оваа цел, како што дознава весникот ВЕЧЕР, се контактира со сите пратеници од немнозинските заедници што се во опозициските редови. Според математиките, целта е да се обезбеди поддршка од најмалку шестмина пратеници. Со нив, и заедно со 14 немнозински пратеници од коалицијата Вреди и од ВМРО-ДПМНЕ, би се стигнало до потребното мнозинство од 20 пратеници за изгласување системски закони, кои ќе треба да се усвојат во претстојниот период. Досега, поради неможноста да се обезбеди Бадентерово мнозинство во Парламентот, не беа усвоени повеќе измени во законите како што е, на пример, Изборниот законик или, пак, во Законот за локална самоуправа.
Потврда дека со преговорите за нови кадровски решенија во Владата, по заминувањето на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, тече и договарање како да се обезбеди поддршка од вкупно 20 пратеници од немнозинските заедници, весникот ВЕЧЕР вчера доби од коалицијата Вреди.
– Преговорите меѓу партнерите течат и денес или во наредниве денови треба да се одржи нова рунда разговори. Но, истовремено се разговара и за тоа на кој начин да се обезбеди Бадентерово мнозинство во Парламентот. Има повеќе важни закони што треба да се донесат и целта е да се добие поддршка од тие пратеници. Оттаму, разговорите за пополнување на позициите во владините ешалони се користат и за таа цел, евентуално да се најде место и за новите партнери – изјави денеска за весникот ВЕЧЕР висок функционер на Вреди.
Тој не сакаше да објасни со кои сè партнери се преговара и какви сè понуди и барања се ставени на преговарачка маса.
Многу барања за ограничени ресори
Од друга страна, премиерот Мицкоски ниту вчера не сакаше да открие какви сè промени ќе има и кога би се реализирала реконструкцијата. Во текот на вчерашниот престој во скопската општина Гази Баба, тој не кажа ниту дали и какви промени може да има во владините ресори со кои управуваат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Во овој момент, како ВМРО-ДПМНЕ, сме фокусирани на подготовките за редовниот партиски конгрес, кој ќе се одржи на 6 декември, во Кавадарци – рече кратко премиерот.
Партискиот генерален секретар, Ѓорѓија Сајкоски, викендов рече дека им биле доставени барањата на партнерите.
– Започнати се преговори со политичките чинители во Владата и ова е во почетна или прва фаза од преговорите, каде што се доставени барањата од дел од политичките субјекти, но Владата, односно премиерот, ќе преговара во понатамошниот тек – рече Сајкоски.
Сега, главно прашање е на кој начин да се пополнат испразнетите позиции: вицепремиерската и министерската за животна средина, кои ги држеше новиот чаирски градоначалник, Изет Меџити. Од коалицијата Вреди, познато е, бараат нов вицепремиер да биде Беким Сали, а во игра за министер за животна средина се ставаат Мухамед Хоџа, поранешен портпарол во владите на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски, и Недим Рама, шеф на кабинетот на Меџити додека тој беше министер за екологија. Но, околу ова барања на Вреди сè уште не е добиена виза од премиерот Мицкоски и од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ставот бил новиот вицепремиер од редовите на Вреди да има и дополнително задолжение за некој владин ресор, по досегашниот пример на Меџити, но и на другите вицепремиери во Владата. Ваквото барање на премиерот Мицкоски отвора цела низа варијанти во редовите на коалицијата Вреди, при што една од првите комбинации е предложениот Беким Сали да биде и министер за здравство, што би значело дека на актуелниот Азир Алиу би требало да му се најде нова улога. Една од комбинациите е и дека Беким Сали, покрај вицепремиерската, би ја презел и функцијата министер за добро владеење од Арбен Фетаи. Во таков случај, Фетаи би заминал на позицијата министер за европски прашања, која сега ја врши Орхан Муртезани. Но, што и како ќе се договори, останува да се види, но сè треба да биде во рамките на претходниот коалициски договор со ВМРО-ДПМНЕ, со кој Вреди раководи со шест ресори, а на што инсистира премиерот Мицкоски.
Потрага по четири до шест пратеници
Паралелно со ова, се прават и комбинации кој сè уште би требало да ѝ се приклучи на владината коалиција и со тоа да се стигне до посакуваното Бадентерово мнозинство од 20 пратеници, бидејќи вкупниот број пратеници од немнозинските заедници е 39. Тоа значи дека бројот од 14 немнозински пратеници што го има коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, треба да се зголеми за уште шест пратеници за да се почне со усвојувањето на системските закони. Калкулациите покажуваат дека владиното мнозинство е најотворено за прием на двајца пратеници – на лидерот на ДПА, Мендих Тачи, и на пратеникот на Демократската партија на Турците, Бејџан Иљас. Од редовите на ДПА веќе ја кажаа својата подготвеност за влез во Владата и се чека само понуда за тоа, а ДПТ излезе незадоволна од коалицијата со ДУИ и веќе имаше соработка и договор за поддршка со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Во случај преговорите со овие две партии да одат без проблем, единствено прашање ќе биде каква компензација со функционерски места ќе им биде дадена. Во таква ситуација, на владиното мнозинство ќе му преостане да обезбеди поддршка од уште четворица пратеници.
Од редовите на Вреди, деновиве, изјавуваа дека се во контакт со лидерот на едното од крилата на Алијанса на Зајадин Села и дека се разговара за придружување на неговите четворица пратеници. Но, Села категорично го демантира тоа, соопштувајќи дека „ниту комуницира со Вреди, ниту ќе биде дел од власта, особено не со оние што сакаат да ги укинат правата на Албанците како народ“. Паралелно со ова, и Блерим Беџети, доскорешен координатор на пратеничката група на ДУИ, минатата недела демантираше дека некој од нивните десетмина пратеници ќе му се придружи на владиното мнозинство. Меѓутоа, тогаш останува прашањето дали се можни некакви договори на владините партнери со тројцата пратеници од крилото на АА на Арбен Таравари, кое го чекаат избори за градоначалник на Гостивар, со пратеникот Скендер Реџепи-Зејд од Народното движење и со Сали Мурат од Движењето на Турците во Македонија за правда и демократија, кои се во коалицијата НАИ, предводена од ДУИ.
Според неофицијални информации од владиното мнозинство, прашањето за неговото проширување многу зависи и од барањата на пратениците што потенцијално би им се приклучиле.
Меѓутоа, потребата да се обезбеди Бадентерово мнозинство ги принудува владините партнери да прават и такви обиди. Во парламентарна процедура чекаат повеќе реформски и системски закони, чие носење е мошне потребно. Премиерот Мицкоски, минатата недела, најави подготвеност да се донесат законски решенија со кои ќе се обезбедат целосна самостојност и финансиска независност на судството. А тоа значи дека за тие законски решенија што ги опфаќаат Судскиот совет, јавнообвинителската служба, судската служба, но и нивните плати, ќе треба да се обезбеди поддршка од најмалку 20 пратеници од немнозинските заедници. Потребата од нив ќе се јави и во случај на изгласување на новиот кривичен законик, кој се подготвува и чие итно донесување го бара Уставниот суд, кој се закани со своја одлука кон крајот на декември, околу повеќе оспорени одредби во постојниот Законик. Поради неможноста да се обезбеди Бадентерово мнозинство, на усвојување чекаат и измените во Изборниот законик, но и измените во Законот за локална самоуправа, без кои не може да стапат во сила одредбите за референдуми за смена на градоначалниците во општините во случај на нивна лоша работа. Обезбедувањето Бадентерово мнозинство ќе бара и донесување законски решенија врзани за новиот Закон за организација и работа на органите на државната управа, а со кој значително треба да се намали бројот на буџетски корисници во земјава и да се обезбеди заштеда во државниот буџет. (Б. Ѓ.)
Минчев: Поради двотретинското мнозинство, постои ризик да се пролонгира усвојувањето на законот за организација на државната управа
Постои ризик да се пролонгира усвојувањето на новиот закон за организација и работа на органите на државната управа, а со кој значително треба да се намали бројот на буџетски корисници, вели министерот за јавна администрација, Горан Минчев. Во изјавата за весникот ВЕЧЕР врзана за носењето повеќе законски решенија со кои треба да се намали административниот апарат во земјава, тој рече дека се работи на сосема нов закон.
– Министерството за јавна администрација, како надлежна институција, веќе формира работна група составена од претставници на клучни државни институции: Кабинетот на претседателот на Владата, Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за финансии, со стручна поддршка од експертите на СИГМА. Преку овој закон, заложбата на Министерството за јавна администрација е намалување на бројот на буџетски корисници до 40 проценти. Но, бидејќи новиот ЗОРОДУ бара двотретинско мнозинство во Парламентот, постои ризик да се пролонгира неговото усвојување. Подготовката на овој правен рамковен систем е важен чекор кон подобрување на ефикасноста, одговорноста и на транспарентноста во државната управа – нагласи Минчев.
Познато е, според последните податоци, дека во земјава има 128.879 вработени во јавниот сектор, распределени во 1.371 државна институција. Меѓу нив, има 161 институција со еден до десет вработени, а 16 немаат вработени, туку само директор.
– Целта е рационализација, односно намалување на бројот на буџетски корисници преку спојување на институции со преклопени надлежности и со минимален број вработени – рече тој.
Минчев додаде дека активно се работи и на законот за високораководна служба, кој ќе овозможи професионализација на менаџерскиот кадар во јавниот сектор.
– Раководните позиции повеќе нема да бидат партиски плен, туку одговорни функции базирани на критериуми, стручност и на интегритет. Во рамките на овој закон, ќе се обидеме да предвидиме и унифицирање на постојните управни одбори, со намалување на бројот на нивните членови и со поставување критериуми и јасни услови за нивно именување – нагласува министерот за јавна администрација.
Инаку, во јуни годинава, Собранието ги донесе Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за стручно усовршување и обука.
– Со нив, Владата јасно покажа дека има волја за суштински промени и дека повеќе нема место за старите практики на создавање институции само за партиски вработувања и одржување преобемна администрација, која е товар за буџетот, а не сервис за граѓаните. Процесот на оптимизација на буџетските корисници е веќе започнат. Со новиот Закон за инспекциски надзор, преку укинувањето на Инспекцискиот совет и на функциите што произлегуваа од него, како и преку интеграцијата на вработените од Советот во рамките на Министерството, постигнуваме значајни буџетски заштеди. Со оваа реорганизација, државниот буџет се растоварува за околу 300 илјади евра годишно, средства што ќе може да се насочат кон приоритетни реформи и кон подобрување на јавните услуги – вели Минчев.












