Наместо најавената строга примена од 1 март, новиот Закон за заштита од пушење најверојатно ќе се спроведува постепено, со акцент на едукација и опомени во почетната фаза. Од Министерството за здравство велат дека ова не е повлекување, туку обид за поинклузивен и приспособен пристап кон сите засегнати страни. Угостителите бараат подолг преоден период, предупредувајќи на можни економски последици и затворање на локали. Владата, пак, се обидува да балансира меѓу јавното здравје и економската стабилност, оставајќи ја отворена дилемата дали одложувањето ќе донесе поефикасна примена или само ќе ја пролонгира реформата

Текстот на новиот Закон за заштита од пушење, најверојатно, нема да почне да се применува од 1 март, како што беше првично најавено. Наместо тоа, Владата се одлучува за фазна имплементација, при што во почетниот период ќе доминираат едукација и опомени, а казнените одредби ќе стапат во сила подоцна.

Ова на телевизиско гостување го потврди државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, кој посочи дека разговорите со засегнатите страни сè уште траат и дека законското решение ќе биде дополнително доработено пред финалното стапување во сила.

–  Не би го нарекол ретерирање, туку фазна имплементација. Во дијалог со јавноста и со бизнис-заедницата одлучивме да одиме со помека примена на законот. На почеток ќе има опомени и едукација, што е дел од фазата на усогласување. Дали ова ќе трае три, шест или осум месеци, во овој момент не можеме прецизно да кажеме –  изјави Грбчевски.

Одлуката доаѓа по реакциите од угостителскиот сектор, кој генерално ја поддржува намерата за регулирање на пушењето, но бара подолг преоден период. Според претставници на угостителите, потребни се најмалку три години постепена имплементација пред да започне ригорозното казнување, со цел да се избегнат сериозни економски последици.

Тие предупредуваат дека брзата и строга примена може да доведе до затворање на угостителски објекти и до отпуштање на работници. Дополнително, посочуваат дека предложеното решение е изработено по пример на земји како Шпанија и Словенија, каде процентот на пушачи е значително понизок. Според нивните процени, во Македонија пушачи се меѓу 60 и 65 проценти од населението, што транзицијата кон целосна забрана ја прави многу почувствителна.

Со ваквиот пристап, Владата се обидува да најде баланс меѓу јавно-здравствените приоритети и економските реалности. Сепак, останува отворено прашањето дали фазната примена е чекор кон поодржлива регулатива или сигнал дека притисокот од бизнис-секторот ја одложува суштинската реформа.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ